Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека декларацијата за Гоце Делчев поднесена во Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не враќа назад во процесот на преговори со Бугарија за надминување на разликите и деблокадата на евроинтеграцијата на земјата.

-Слична ваква иницијатива имаше ВМРО на Каракачанов во бугарското Собрание по однос на Свети Кирил и Методиј. Сакаа Парламентот да ги дефинира историските прашања. Е сега тоа што имаат исти имиња партиите, не мора да имаат и исти ставови. Ако влеземе во таков натпревар, ние денеска Гоце Делчев, утре бугарското Собрание уште посилен текст за Гоце Делчев, па ние потоа, ние влегуваме во маѓепсан круг на односи, не само со Бугарија, туку и генерално внатре во државата. Така што мислам дека не треба историјата да ја користиме како платформа за изградба на нашите политички кариери, за дневно политичките прашања и препукувања. Ова се прашања за коишто е многу важно надпартиско единство за да се и заштитат некои важни прашања за граѓаните и државата, но, пред се, тоа да не стане тема за дневно политичко препукување, рече Османи во утринското гостување на емисијата Здраво Македонијо на Канал 5 ТВ.

Во рамки на договорените активности на работните групи формирани на заедничката меѓувладина седница што се одржа во бугарската престолнина на 25-ти јануари, неделава, на 10 или 11 февруари, двете министерства за надворешни работи, на Македонија и на Бугарија, во Софија ќе ги продолжат разговорите на експертско ниво за политичкиот пакет прашања во обид за надминување на разликите меѓу двете земји. На 10-ти ќе се одржи и состанок на Работната група за инфраструктура, а првиот лет на релацијата Софија-Скопје треба да се реализира на 11-ти месецов.

Василевска: Декларацијата не е спорна, сериозно да ја прочитаат

Не е спорен ниту еден аспект од Декларацијата која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.  СДСМ пропушти уште една прилика да кажат барем што виделе спорно во предложената декларација, изјави Иванка Василевска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

Целта на партијата со поднесената декларација, рече таа, е да ги обедини сите чинители во општеството околу значењето на ликот и делото на Делчев во револуционерната борба за македонска државност.

-СДСМ треба да каже дали за нив е спорно во училиштата да се спроведат активности со кои учениците ќе се запознаат уште повеќе со ликот и делото на Гоце Делчев или тоа што се повикува Институтот за национална историја и МАНУ да организираат научни собири или, пак, повикот до медиумите со пригодни содржини да го одбележат јубилејот од 150 години од раѓањето на Гоце Делчев? За жал, не само што не се обедини, туку и го дели народот по оваа тема. Тоа отвора сериозен сомнеж дека Ковачевски преговара за Гоце Делчев, а со тоа и за целокупната револуционерна борба за македонска државност, рече Василевска.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги повикува СДСМ, како што рече Василевска, „да се вразумат и сериозно да ја прочитаат Декларацијата“.

-Вакви брзоплети реакции имаа и за Резолуцијата која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во јули минатата година, но потоа ја прифатија и на тој начин се создаде национално единство и црвени линии. Очекуваме и сега тоа да се случи, бидејќи ликот и делото на Делчев се подеднакво рамниште како и идентитетските прашања, додаде пратеничката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.