Донација од Австрија обезбедена преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија како поддршка во борбата со КОВИД-19 денеска му беше предадена на вицепремиерот Бујар Османи како национален координатор за распределба на странска помош во земјава.
Османи, кој се заблагодари за донацијата, рече дека ова е доказ за добрите билатерални односи меѓу двете држави и грижата што секогаш ја покажува Австрија кон нашата земја на политички план.
– Австрија направи многу во делот на започнувањето на преговорите, но и за конкретнава соработка. Не е прв пат земјава да го ползува Цивилниот механизам на ЕУ за поддршка во време на кризи. Така беше и пред неколку години кога земјава беше соочена со предизвиците од поплавите, што укажува на функционалноста на Цивилниот механизам, како платформа за блиска соработка меѓу земјите од Европа, истакна Османи.
Но , она што е многу поважно според Османи е тоа што за првпат како држава сме третирани како внатрешно прашање на Европската унија.
– Првпат чувствуваме што значи да сме дел од Европската унија. Она што е важно е дека за првпат ние сме третирани како внатрешно прашање на Европската унија, а тоа се случува поради тоа што почнавме преговори со Унијата, рече Османи, посочувајќи дека земјава покрај Европскиот механизам за цивилна заштита, е директно вклучена и во останатите заеднички политики на ЕУ за справување со предизвикот на пандемијата, како што се заедничката јавна набавка на медицински средства и материјали, размената на информации и стекнати знаења, исклучувањето од извозните ограничувања за медицински материјали и заштитна опрема и вклучувањето во Европскиот солидарен фонд.