Нова, трета вонредна состојба, таа да трае 30 дена, е препораката на Владата утврдена на денешната седница упатена кон шефот на државата Стево Пендаровски.

Барањето, да продолжи досегашната вонредната состојба со нови 30 дена се базирало на потребата за успешно справување со корона вирусот.

-Одлуката како заклучок ќе биде проследена заедно со извештајот за досега преземените активности од државните институции, се наведува во соопштението на Владата.

На седницата е дополнет и усвоен Протоколот со препораки и упатства за излез и влез во Македонија за избрани функционери вработени во Влада, во министерствата и за македонските државјани. Заклучок е дека за секое службено патување предвидено со оваа одлука ќе треба одобрување од Главниот координативен кризен штаб на Владата, исклучиво ако тоа службено патување е поврзано со справување со пандемијата со ковид-19 и со прашања за евро-атлантските процеси на нашата земја.

Инаку, за ваквиот предлог, се очекува да се разговара и на седницата на Советот за безбедност.