Претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи ја поздрави одлуката на судот во Србија за ослободување на тројцата косовски полицајци и упати повик за спроведување на Патоказот за деескалација на ситуацијата.
-Како претседавач со ОБСЕ, ја поздравувам одлуката за ослободување на тројцата косовски полицајци и ги повикувам страните да започнат со спроведување на Патоказот што го предложив за деескалација и нормализација. ОБСЕ е тука да го поддржи овој процес, објави Османи на неговите профили на Фејсбук и на Твитер.
Вишиот суд во Краљево денеска го потврди обвинението против тројцата припадници на косовската полиција и донесе одлука со која на обвинетите им е укинат притворот и тие ќе се бранат од слобода.
Според наредбата на Вишото јавно обвинителство во Краљево од 16 јуни, против тројцата е покрената истражна постапка под сомнение дека сториле кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи.
Првично, судот донесе одлука за 30 – дневен притвор на тројцата полицајци, кои беа уапсени од српската полиција на 14 јуни.