Предизвиците поврзани со евроинтеграциите на Македонија, а во пресрет на Самитот на ЕУ во март, во насока на потенцијалите за почеток на преговорите со ЕУ пред мајскиот самит посветен на Западниот Балкан, беа централна тема на првата средба на вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи со новоназначената амбасадорка на Португалија за земјава, со седиште во Белград, Марија Виржиња Мендес да Силва Пина.

Како што соопшти СЕП, упатувајќи честитки до новата амбасадорка, Османи изразил надеж дека дипломатското искуство, но и личниот ангажман ќе даде значаен придонес во продлабочувањето на односите помеѓу двете земји. 

-Ние сме подготвени за почеток на преговорите, се надевам дека и Европската Унија ќе ги создаде неопходните услови за продолжувањето на процесот на проширување со земјите од Западниот Балкан, истакна Османи, посочувајќи на позитивните сигнали кои доаѓаат од Европската Комисија и од земјите – членки поврзани со новата методологија за проширување.

Османи се заблагодари за досегашната поддршка од страна на Португалија кои беа јасно изразени преку ратификацијата на Протоколот за НАТО, но и поддршката од земјата на претходните Самити.

Соговорниците изразија задоволство од меѓусебните пријателски односи и подготвеност за зајакнување на меѓусебната соработка во сите сфери од заеднички интерес.