Министерот за надворешни работи Бујар Османи не смета дека решавањето на спорните прашања со соседна Бугарија се издигнати како услов на Европската унија за отпочнување на преговори за членство.
Тој вели дека инсистирањето на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ова прашање да се реши побрзо доаѓа поради фактот што, како што рече, сите одлуки во Унијата се носат со консензус и оти се додека нема согласност од Бугарија процесот на преговори не може да почне.
– Политиките за проширување во Европскиот совет се носат со консензус и доколку нема согласност на една од 27-те земји членки процесот не може да се движи напред. Така што, се додека Република Бугарија не даде согласност за усвојување на преговарачката рамка и одржување на меѓувладината конференција, тоа значи дека нема консензус и не може да се движи напред. Претпоставувам дека во тој контекст е поставено прашањето со Бугарија, не како услов на ЕУ, бидејќи 26 земји членки беа за текстот на преговарачката рамка изминативе месеци и за почнување преговори во декември, единствено против беше Република Бугарија, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција посветена на пописот на дијаспората.
Тој вели дека засега нема ништо ново во однос на разговорите со Бугарија. Нашиот фокус, потенцира Османи, во моментов се работите од Договорот со Бугарија за кои имаме помалку разлики, бидејќи, како што рече, јасно е дека политиката во Софија е фокусирана на нивните внатрешни прашања и изборите кои наскоро ќе се одржат.
Но, потенцира министерот за надворешни работи, добро е во текот на овој период да се искористат деновите да се искомуницираат институциите што се однесува до секторските политики .
– Комисијата за историски и образовни прашања изминатите денови одржа седница, тие треба да го усвојат годишниот извештај за работата на оваа комисија и овој документ заедно со акцискиот план, кој скоро е договорен, се предуслови да се одржи оваа средба. Во мигот кога ќе го имаме годишниот извештај на Комисијата, акцискиот план и фокусот на бугарската политика за овие прашања, јас мислам дека може да определиме датум за Комисијата. Тоа нема да ги реши работите за кои имаме разлики, но сепак ќе креира едно повисоко ниво на доверба за да продолжиме со заедничките теми, рече Османи.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, пред три дена на Тиранскиот форум изјави дека земјава задржа стабилен чекор во имплементацијата на ЕУ реформите, посебно во делот на фундаменталните услови, но дека е „важно брзо да се изнајде заеднички прифатливо решение за билатералните прашања помеѓу С. Македонија и Бугарија“.