Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска имаше  телефонски разговор со холандскиот министер за надворешни работи Стеф Блок.

Во разговорот, како што соопшти МНР, министерот Османи размени мислења со својот колега за најновите и актуелни политички случувања во државата, идните чекори за европската интеграција на Македонија, како и потенцијалите за продлабочување на билатералната и мултилатерална соработка со Холандија.

-Холандија се вбројува помеѓу најголемите билатерални донатори на нашата земја што претставува исклучителен придонес за севкупниот напредок, како и за европската перспектива на земјава, посочил Османи, изразувајќи благодарност за принципиелната и недвосмислена поддршка од Холандија за европската интеграција на нашата земја, посебно преку поддршка на судството, реформа на јавната администрација и приближувањето кон европското законодавство.

Османи истакнал дека „С. Македонија високо го цени холандскиот „строг и фер“ принцип, што значително ни помага во спроведување на реформската европска агенда и имплементирање на европските стандарди“.

Министерот Блок, како што се наведува во соопштението, ги поздравил постигнатите резултати на Македонија во насока на реализација на европските интеграции, особено во контекст на носењето храбри одлуки за унапредување на добрососедските односи. Истакнл дека Холандија го поддржува отпочнувањето на преговорите за пристапување на Македонија со Европската унија, откако ќе биде усвоена Преговарачката рамка. Холандија продолжува и во иднина да биде партнер на Македонија во спроведување и продлабочување на ЕУ реформскиот процес.

Двајцата министри размениле мислења и за искористување на потенцијалите за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, како и за надминување на предизвиците предизвикани од пандемијата.