Неможноста да ги усвоиме уставните измени значи кочење на европскиот процес на ЕУ-преговорите. Tој што тоа ќе го предизвика, дури и од позиција на опозиција во моментов, да знае дека кога ѝ да се случи да бидат на власт ќе мора да поминат низ уставните измени. Ниту една влада ниту едно општество не може да издржи притисок на долгорочно закочени евроинтеграциски перспективи, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за Гласот на Америка.

– Уставните измени поради многу причини се во наш интерес. Прво, затоа што даваме нов правец на односите со Бугарија, односно на македонско-бугарските односи. Од нивните обиди, тие односи да се стават под капа на историјата, ние даваме нова димензија дека во Уставот јасно се дефинирани мнозинскиот македонски народ и бугарската малцинска заедница, и тоа го трасира патот, каков ќе биде долгорочниот однос меѓу двете заедници во регионот и во Македонија. Втората причина е што тоа ни го определува патот кон ЕУ. Ниту една држава во регионот на Западен Балкан нема добра перспектива, без европска перспектива. Чуму одложување, кочење на тој процес на штета на граѓаните, кога знаете дека еден ден ќе мора да поминете низ тој пат? Меѓутоа, тогаш ќе бидат изгубени многу години, а поставените прашања на маса ќе бидат уште потешки и попроблематични. Не гледам причина зошто да не смогнеме сили и да постигнеме натпартиски консензус во однос на прашање кое е во национален интерес, на Македонците, и на сите останати граѓани во целина, изјави Османи.

На прашање за проблемот со корупцијата, чие решавање САД го сметаат за клучно, и дека корупцијата продолжува да го кочи напредокот на државата и како американскиот тим санкции може да помогне за ова прашање, Османи рече дека во суштината на Акцискиот план на Стратешкиот дијалог со САД е антикорупциската политика.

– Сега имаме два механизма за поддршка на таа политика. Еден е стратешкиот дијалог со САД, а другиот е почетокот на преговорите со ЕУ. Имаме две раце коишто го поддржуваат и поттикнуваат тој процес. Нема бегање од соочување со корупцијата. Мислам дека е важно прашање да го заздравиме општеството. За жал, тие што ги кочат уставните измени, ја потиснуваат темата за антикорупција на втор план, додавајќи фокус на овие политички прашања, односите со Бугарија, уставните измени, наместо антикорупциската политика да биде основна тема во државата, вели Османи за ВОА.