Народниот суд во градот Хо Ши Мин на југот на Виетнам, осуди на смрт 11 лица во еден од најголемите случаи на шверц на дрога во земјата, по истрага покрената откако четири стјуардеси беа уапсени со наркотици скриени во туби од паста за заби.
Истрагата по случајот опфати вкупно 227 лица, а беше покрената откако во март 2023 година кога повеќе од десет килограми дрога биле пронајдени во 157 туби паста за заби што четири стјуардеси на „Виетнам ерлајнс“ ги носеле на лет од Париз до Хо Ши Мин.
Властите подоцна утврдиле дека жените воопшто не знаеле за дрогата, а истрагата разоткрила транснационална мрежа за трговија со дрога што шверцувала наркотици маскирани во производи за широка потрошувачка од Франција во Виетнам.
Обвинителите соопштија дека членовите на мрежата користеле шифрирани платформи за размена на пораки, банкарски сметки регистрирани на туѓи имиња и служби за достава за дистрибуција на дрогата низ јужниот дел на Виетнам.
Најмалку 20 други обвинети во случајот се осудени на доживотен затвор.




