Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на одговорност и на „кадровски одлуки“ по пукање во Киев во кое учествувале главните безбедносни служби на државата. Зеленски рече дека инцидент се случил меѓу Службата за безбедност на Украина (СБУ) и на воената разузнавачка агенција (ХУР) и го оквалификува како „апсолутно срамотен“.
– Единствените луѓе на кои треба да се пука се руските окупатори за одбрана на Украина, додаде украинскиот претседател.
Пукањето се случи синоќа и потоа се појавија контрадикторни верзии за настанот. СБУ даде контрадикторни изјави. Прво дека работеле заедно со ХУР на спречување руски тероритички напад, а потоа дека се спротивставувале на „поединци“ кои се обидувале да блокираат акција за претрес.
Командантот на ХУР рече дека агенти на СБУ отвориле оган кон припадници на неговата служба без предупредување. Зеленски нагласи дека обвинители ќе го истражат инцидентот.




