Отец Ивица ТОДОРОВ

Денес, како и порано низ вековите, многумина го читаат Светото Писмо, запишаното Откровение Божјо, многумина го читаат, но, исто така и признаваат дека тоа е тешко за разбирање. А тоа е така, како што е, затоа што секој треба да има сознание дека Светото Писмо е КНИГА на ЦРКВАТА и тоа не може на вистински начин да се разбере и протолкува надвор од Црквата, надвор од Новозаветниот народ Божји и надвор од духовниот и историскиот живот на таа иста Црква.

Во периодот на Стариот Завет, старозаветните свети книги му припаѓаа на старозаветниот еврејски народ Божји.

Во периодот на Новиот Завет, по доаѓањето на Месијата/ Христос, старозаветните свети книги, заедно со новозаветните свети книги му припаѓаат на Новозаветниот народ Божји – Црквата!

Треба да се нагласи дека ОТКРОВЕНИЕТО БОЖЈО запишано во Светото Писмо секогаш бил, а и треба да биде СЕКОГАШПРИСАТЕН КРИТЕРИУМ во животот, верувањето и делувањето на Новозаветниот народ Божји – Црквата.

Секогаш, кога овој критериум се заборавал или се тргал настрана, а на местото на истиот се внесувал некој погрешен, Бог, Изворот на откровението, не поттикнувал и не поттикнува кон покајание и враќање на вистинскиот критериум! Но, ако се останува упорно во отпадништвото тогаш Бог ја повлекува својата животодавна благодатна сила (присуството на Светиот Дух) и црковниот живот, таму каде што се напуштил критериумот, започнува од почеток по инерција да станува формален, а потоа и мртов.

Затоа, за секој христијанин, за секоја помесна православна Црква или локална црковна зедница (епархија/ парохија) од ЖИВОТНО и СПАСИТЕЛНО ЗНАЧЕЊЕ е читањето на содржината на Светото Писмо за на тој начин да се проверува и начинот на верување и начинот на практикување на ВЕРАТА.
Самиот Исус Христос, нашиот единствен Учител, Спасител и Господ, за значењето на Светото Писмо, за значењето на Неговото Слово го вели следното:
„А Исус извика и рече: „Кој верува во Мене, не верува во Мене, туку во Оној Кој Ме пратил, кој Ме гледа мене, Го гледа Оној Кој Ме пратил. Јас, Светлината, дојдов во светот, така што никој, кој верува во Мене, да не остане во темнина.

И ако некој ги чуе зборовите Мои, и не поверува, Јас нема да го судам, зашто не дојдов да му судам на светот, туку светот да го спасам. Кој се откажува од Мене и не ги прима зборовите Мои, има Кој да го суди: СЛОВОТО ШТО ГО КАЖАВ, тоа ќе го осуди во последниот ден.

Зашто Јас Сам од Себе не зборувам, но Отецот, Кој Ме прати, Тој Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам. И знам дека заповедта Негова е живот вечен. А она што го зборувам Јас, го зборувам така, како што Ми рече Отецот.“ ( Јован. 12, 44 – 50 )
————
ШТО Е ВСУШНОСТ БИБЛИЈАТА?

1. Наједноставно е да се каже дека таа е порака, таа е ОТКРОВЕНИЕ Божјо преку кое разбираме што е вистина и лага, што е добро и зло, што е полезно и благословено за човекот како создание Божјо, но, и што не му е благословено и полезно на човекот во овој свет!

2. Целата содржина на Библијата, светите книги на Стариот и на Новиот Завет, се најавтентично ОБЈАСНУВАЊЕ за смислата на постоењето кое ни доаѓа од највисокото ниво на постоење, од самиот Творец, од самиот Смислодавач.

3. Исто така, таа е и сведоштво за историски настани што ја осмислија и променија духовната историја на човештвото. Таа е и советник за исполнет, благословен, свет и овечноснет живот, потврда за вредноста и значењето на родот човечки, како во овој свет, така и во вечноста!
„Ете, Јас денес ти предложив живот и добро, смрт и зло. Ако ги слушаш заповедите на Господ (Јахве – Јас Сум Оној Кој Сум Вечниот), твојот Бог, што денес ти ги давам – а тоа е да го љубиш Господ, твојот Бог, да одиш по сите патишта Негови и да ги извршуваш заповедите и законите Негови тогаш ќе ЖИВЕЕШ. . .“ (Пета книга Мојссева. 30, 15 – 16)

4. Се наметнува прашањето, ако Библијата/ Светото Писмо е толку значајна и вредна книга, кој е нејзиниот автор? Интересно е да се напомене дека Светото Писмо не е една книга, туку е ЗБОРНИК од повеќе свети книги запишувани низ долг временски период – од 1480 година пред Христос до 98 година по Христос – и тоа од повеќе автори/ запишувачи. Но, кога се читаат светите книги, како од Стариот, така и од Новиот Завет, се забележува дека сета содржина е вдахновена и водена од еден Извор. Тој, еден Извор, низ светите книги ни открива свој план кој се спроведува низ вековите. Односно, Тој има една и единствена цел и спасителна порака до целото човештво – а тоа е спасение и ослободување на човештвото од сотонското ропство, злото, гревот, духовната и телесната смрт преку:
-ОТКУПИТЕЛНАТА крсна жртва на Месијата (Христос),
-преку Неговото воскресение од мртвите,
-преку испраќањето на Светиот Дух и формирањето на Новозаветниот народ Божји – Црквата.
Сето горенаведено го овозможува ПОВИКОТ до целото човештво за негово повторно воведување во полнотата на совршениот начин на постоење во Царството Божјо, во онаа состојба на постоење која ја изгубивме преку отпаѓањето на нашите прародители Адам и Ева преку нивната инфекција со злото!
————–
„Тој беше презрен и отфрлен меѓу луѓето, човек на болки и свикнат на страдања, и ние го одвраќавме од Него лицето свое; Тој беше презиран, и ние за ништо не Го сметавме. Но Тој ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме дека Тој беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога. А Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме.“
(пророштво за тоа како ќе изгледа делувањето на Месијата од пророкот Исаија. 53. 1 – 12; ова пророштво е запишано 740 години пред доаѓањето на Спасителот)
———-
„И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој треба да владее во Израилот и чие потекло е од
почетокот, од вечноста.„
(пророштво за тоа каде ќе се роди Месијата од пророкот Михеј. 5, 2; запишано 742 години пред доаѓањето на Спасителот)
————-
„Никој не се искачил на небото, освен Оној Кој слезе од небото, Синот Човечки, Кој е на небото. И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен. Зашто Бог (Небесниот Отец) толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син (своето совечно Слово/ Логос/ Син Единороден), та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него. Кој верува во Него – нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Син Божји. А овој суд е затоа што Светлината дојде на светот, но луѓето повеќе ја засакаа темнината отколку светлината, зашто нивните дела беа зли. Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат разоткриени неговите дела бидејќи се лукави. А оној што твори вистина, оди кон светлината за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени.
(зборови на Месијата запишани во евангелието според апостол Јован. 3, 13 – 21)
————–
5. Тој еден Извор, на се што е запишано од запишувачите на светите книги, во самите свети книги ни се разоткри како Еден и Единствен Творец на се што постои – во сите димензии на постоењето. Тој Творец, постепено низ историјата на отпаднатото од Него човештво, од ЕЛОХИМ (Бог) кој само беше насетуван преку неговите дејствија од еврејскиот, па и од другите народи, се откри како ЈАХВЕ – како Вечно постоечко битие, за во Новиот Завет, Тој истиот ни се разоткри во ПОЛНОТА како наш Небесен Отец Кој има свое совечно Слово/Логос, односно, Единороден Син и совечен Дух Свети.
Неговиот Единороден Син, кој преку пречистата девојка Марија (Богородица) и Светиот Дух ја прими човечката природа, стана наш Месија (Христос), Спасител, Осободител од состојбата на отпаднатост (сатанско ропство, зло, грев, смрт). Па затоа Месијата, за време на својата спасителна мисија во овој свет на насобраните околу него претставници на старозаветниот народ Божји – евреите, им ја кажа оваа темелна вистина и смисла на сета содржина на светите книги:
„Ги истражувате Писмата, зашто вие мислите дека во нив имате живот вечен, а токму тие сведочат за Мене!“
(Јован. 5, 39)
Со овие зборови Тој ни потврди дека целото Свето Писмо, односно, се што ни е откриено во него – ни сведочи дека овој свет и целото човештво – својата единствена смисла, вистина, цел и надеж на постоењето ја имаат во сето она што Месијата го направи и прави за нас, во сето она што Тој ни го вети, во сето она што Тој ни го покажа и докажа како вредност на постоењето.
По откупителната и сеослободувачка љубовна жртва на крстот и по своето воскресение од мртвите, Месијата на своите апостоли им го откри следното:
„Не требаше ли така да пострада Месијата (Христос) и да влезе во својата слава? Па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им разјаснуваше што е кажано за Него во сите Писма (во сите свети книги)“ (Лука. 24, 27).
6. Па, затоа кога го читаме Светото Писмо, се што е запишано во него има свое објаснување, цел, смисла и разрешница во личноста на Исус Христос (Јешуа Месија).
Без Месијата и без сето она што Тој го направи и прави за нас преку силата на Духот Свет во светата Црква – а во слава на на Небесниот Отец – целата содржина на Библијата не би имала никаква смисла! Во таков случај Светото Писмо би било слично на разните религиозни и философски книги од овој свет, но без ветување, без вистински Божествен авторитет и без РЕШЕНИЕ на најсуштинските проблеми со кое се соочува човештвото!
Единствено Месијата, Совечното Слово/ Син Божји, Кој стана вистински човек и наш единствен Спасител и Учител, може со сигурност да каже:
„ЈАС СУМ Патот, Вистината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене. “ (Јован. 14, 6)
Единствено Тој може да вети:
„ЈАС СУМ воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.“ (Јован. 11, 25)
Единствено Тој може вака да разговара со Изворот на постоењето, со Небесниот Отец:
„Ова го кажа Исус, па ги подигна очите Свои кон небото и рече:
„Оче, дојде часот; прослави Го Својот Син, за да Те прослави и Синот Твој, како што си Му дал власт над секое тело, та на се што си му дал, да му даде вечен живот. А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос (Јешуа Машиах/ Месија/ Спасител).
Јас Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си ми го дал да го извршам.
И сега, прослави Ме Ти, Оче, во Тебе Самиот, со славата што ја имав во Тебе уште светот пред да настане. Го објавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот; тие беа Твои, и Ти Ми ги даде, и го запазија Твоето слово. Сега разбраа дека се што си Ми дал, е од Тебе; зашто зборовите што си Ми ги дал им ги предадов и тие ги примија и разбраа навистина дека од Тебе сум излегол, и поверуваа дека Ти си Ме пратил.
(Јован. 17, 1 – 26)
Затоа Библијата е непобедливо и непоколебливо откровение на вечниот Творец и осмислувач на постоењето. Затоа таа треба да биде секојдневна духовна храна за оние што чекорат по Патот на спасението, но и за оние што сакаат на вистински начин да ја спознаат смислата и вредноста на постоењето, како во овој свет – така и на вечен план!
И затоа, апостолот Павле премудро ќе напише:

„Целото Писмо е од Бога вдахновено и тоа е полезно за поука, за изобличување, поправање и поучување во праведност, за Божјиот човек да биде усовршен и совршено подготвен за секое добро дело.“ (2. Тимотеј. 3, 16)

Во Христа, ваш брат и слуга, протопрезвитер Ивица Тодоров