Многумина во минатото, па и денес, имаа и имаат гостинска соба!
Гостинската соба и тогаш и сега е разбрана како излог, во неа е она најдоброто за покажување пред другите, пред гостите! Останатиот дел од домот можеби е ваков или онаков, но гостинската секогаш мора да биде најубава, најсредена, најлуксузна! Таа е излогот! Таа е маската која ја прикрива реалната состојба на домот!
Така некако изгледа и нашето покажување пред другите. Она што според нас, според нашето его – доживување е најубаво, најсредено, најлуксузно, нашата маска, нашата презентација за другите, напред пред сите, ама она другото, тајното, скриеното, грешното, подмолното, злобното, користољубивото, лажливото, умислено неискреното ниту за пред Бога, но, ниту и пред нашата совест не го изнесуваме! Го туткаме – буткаме тоа, ама и си го негуваме и си го храниме!
И ако се прашувате зошто кај некого нема реален и благодатен духовен – личносен развој, да знаете дека тоа е поради преполниот „подрум“ со тајни, односно, скриени гревови! Го влечат тие надолу нивниот сопственик и го трујат со духовен отров, кој, за жал, сопственикот го шири во околината во која живее и дејствува!
Исто така особено е интересен, но, е и болен фактот во однос на оние кои својата духовно – морална – верска нечистотија, манипулација и агенда ја маскираат со изглумена побожност. Баш така, со изглумена побожност! Ова важи и за верници и за свештенослужители од сите свештени чинови! Изглумената побожност е посебна маска преку која духовниот манипулатор итро се презентира пред оние кои сака да ги вовлече во својата его – пајажина!
Најдобар пример за овој тип на верска патологија е кога убава, бела, свилена и чиста покривка ќе ставиме на неисчистена, валкана, мрсна маса! Одпочеток нечистотијата е невидлива, а белата покривка одушевува, но, со текот на времето нечистотијата избива на покривката! Таа станува видлива, па дури и започнува да смрди!
Така некако изгледа и саморазобличувањето на изглумената побожност! Одпочеток се е во духот на површното сентиментално воодушевување, но, со текот на времето неисчистениот духовен отров продира низ маската на носителот на изглумената побожност и започнува да делува секаде каде што тој дејствува и живее!
Еве, горенапишаното нека биде мал потсетник, но и опоменувач за опасноста од тајниот или скриениот грев и од изглумената побожност!
Се надевам дека за многумина ова ќе биде и поттик храбро да го направат првиот чекор со кој ќе го расчистат сето она што им оневозможува ДА БИДАТ онакви, какви што Творецот ги промислил, но и ги очекува!
Авторот на овој текст горенапишаното го има извлечено од своето лично искуство, затоа што долго време се труди да го исчисти својот „подрум“, но и да се избори против отровот што го носи во себе изглумената побожност!
Господ да ни помогне не сите по ПАТОТ на нашето очистување, созревање, ослободување и спасение!
ваш во Христа, брат и слуга, о. Ивица Т.