Британските пратеници доцна попладнево ги одбија предложените амандмани на Одлуката за одлагање на Брегзит, со кои се бараше утврдување на временски рок на одлагањето, како и распишување нов референдум за истапувањето на Велика Британија од ЕУ.

Долниот дом на британскиот Парламент со 314 гласови „против“ и 311 „за“ го одби предлог-амандманот на лабуристичката пратеничка Луси Пауел, со кој се предлагаше утврдување временска рамка за одлагање на Брегзит само до 30 јуни.

Претходно, пратениците со 334 гласови „против“ и само 85 „за“, го одбија и предлог-амандманот кој предвидуваше одржување втор референдум за Брегзит.

Пратениците во Вестминстер вечерва треба да гласаат за Одлуката на одлагање на Брегзит, предложена од британската премиерка Тереза Меј. Гласањето за Одлуката за одлагање следи откако вчера пратениците го одбија предлогот за Брегзит без договор, а во вторникот по вторпат не го поддржаа Договорот за истапување на Велика Британија од ЕУ, што лани во ноември го постигнаа Владата на Меј и Брисел.

Денешното гласање во Долниот дом на Парламентот се одржа по речиси три години од референдумот во јуни 2016 година на кој Британците гласаа за напуштање на ЕУ , и 15 денови пред датумот – 29 март, кога Британија теоретски треба да излезе од Унијата.