Поранешниот разузнавач и советник за безбедност на премиерот Зоран Заев, Зоран Верушевски во тужба пред Основниот граѓански суд Скопје бара оштета од државата во висина од четири милиони и 104 илјади денари, односно околу 71 илјада евра, за поминатите 344 дена во притвор за предметот „Пуч“ и за неовластено поседување на оружје.

Случајот „Пуч“ беше отворен во јануари 2015 година кога лидерот на СДСМ Зоран Заев почна да ги објавува „бомбите“ и кога тврдеше дека со Верушевски не се познаваат.

Во „Пуч“ осомничени „за насилство кон претставници на највисоките државни органи“, покрај Заев, беа и поранешниот разузнувач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, Бранко Палифров, вработен во Општина Струмица и Ѓорѓи Лазаревски поранешен вработен во МВР.

Од Основниот граѓански суд Скопје информираа дека пресудата по барањето на Верушевски ќе ја објават на 4 ноември.