Булеварот „11 Октомври“ е пуштен за сообраќај, откако претходно беше затворен поради протестите на граѓаните пред Собранието против ратификацијата на договорот со Грција за решавање на спорот за името.

Дел од граѓаните, кои учествуваа во протестите се разотидоа, а дел се повлекоа во паркот Жена борец.

Граѓаните се собраа денеска пред законодавниот дом, додека траеше седницата, на која пратениците ја потврдија потребата по итна постапка да се ратификува договор со Грција за името. Протестите минаа мирно и без инциденти.

Граѓаните пред Парламентот, побараа оставка од Владата и во знак на револт запалија копија од договорот со Грција, пеејќи ја истовремено македонската химна и песната „Едно име имаме“.

– Нема да дозволиме да помине овој договор, извикуваа незадоволните граѓани. Тие воедно ја повикаа ВМРО-ДПМНЕ да излезе од Собранието и да не го поддржи Преспанскиот документ.

Според граѓаните кои протестираат пред Собранието, референдум воопшто не треба да има.