Пред Собранието на Република Македонија денеска околу 11 часот почна мирен протест во исто време кога во парламентот започна и седницата за ратификација на договорот со Грција. Негодување изразија пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а пратеникот Драган Данев изјави дека договорот едностран, претставува капитулација за државата и геноцид за македонскиот народ. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против  побараа пауза, по што ја напуштија седницата.

Собранието на Македонија денеска ја утврди потребата од донесување на законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство.

На седницата присустуваа 110 пратеници, гласаа 109, од кои 69 „за“, а 40 беа „против“.

Потребата од донесување на овој закон по скратена постапка пред пратениците ја образложи министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Тој напомена дека овој предлог-закон е предвиден како дел од националната програма за усвојување на правото на ЕУ во рамки на политичките критериуми во делот на регионалната соработка и меѓународните обврски. Рокот за донесување е 22.06.2018 година, а Димитров нагласи дека имајќи ги предвид европските и евроатлантските перспективи на земјата повеќе од неопходно е да се донесе по скратена постапка.

Шефот на дипломатијата потсети дека Грција согласно договорот, по неговото ратификување во македонскиот Парламент има обврска да го извести претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск дека дава поддршка за почеток на членството во ЕУ и да го извести генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг дека ја поддржува поканата за НАТО.

– Јунскиот совет е пред нас, министрите за надворешни работи на земјите-членки ќе заседаваат на 25 и 26 јуни, а Самитот е на 28 јуни. Овие датуми се клучни за европската перспектива на нашата земја и зависат од ратификацијата на спогодбата. За да ги испорачаме овие резултати предлагаме Собранието  да одлучи законот да се донесе по скратена постапка. Со ратификацијата се отвора можноста граѓаните да се изјаснат за својата иднина на есенскиот референдум, рече Димитров.

По изгласувањето на потребата од донесување на овој закон собранискиот спикер Талат Џафери ја задолжи Комисијата за европски прашања како матично тело да го разгледа предлогот кој е поднесен со европско знаменце, како и Законодавно-правната комисија.

 

ВМРО-ДПМНЕ: Џафери го крши собранискиот деловник

 

Негодување изразија пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а пратеникот Драган Данев изјави дека договорот едностран, претставува капитулација за државата и геноцид за македонскиот народ.

Според него, се наметнува ново име на државата и се крши уставот, со тоа што е прифатено да се користи за внатрешна употреба.

Тој го обвини Џафери дека го крши собраинскиот деловник, законите и Уставот и најави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува, во како што рече, таа правна лакрдија. Данев побара еден час пауза, но Џафери ја продолжи седница и беше изгласан дневниот ред, а пратениците од опозицијата ја напуштија пленарната сала.

Откако законот ќе пристигне во Комисијата за европски прашања, таа има два дена, односно до среда на полноќ за разгледување на договорот.

Откако ќе помине на Комисијата, Предлог-законот за ратификација на договорот повторно ќе се најде на пленарна седница за да биде финално ратификуван.

За ратификација потребно е обично мнозинство, односно мнозинство од присутните пратеници. Минимален кворум за работата на законодавниот дом е 61 пратеник.

 

Милошоски: Денеска се разјасни ослободителната пресуда за „Поткуп“

 

Додека траеше собраниската седница пред Собранието се одржуваат протести на граѓани, кои се против договор со Грција, а прес-конференција во Собранието одржа пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

– Денеска е јасно кои беа аргументите за ослободитeлна пресуда за Поткуп. Некој презел обврска Македонија да ја стави во потчинета состојба. Власта не дава можност за расправа, туку брза. Ако договорот е добар зошто ја менуваат матичната комисија, и брзаат во еден ден? Зошто не организираат прослава ако е договорот е толку добар, праша Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција во Собранието.

Тој додаде дека ова е уцена што некој презел обврска да ја оствари.

– Со овој договор Македонија сама ја поништува пресудата на Меѓународниот суд која беше во наша корист. Со договорот се откажуваме од успесите до сега и 140 земји кои не признаа под уставното име. Владата го злоупотреби европското знаме. Договорот е антиуставен и понижувачки, рече Милошоски.

Тој додаде дека договотот со Бугарија немал европско знаменце, што е доказ дека власта не ги почитува правните норми. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на Собранието што се однесува на Договорот за името со Грција, а за тоа како ќе дејствуваат понатаму ќе одлучуваат партиските органи, изјави Милошоски.

Според него, договорот не е компромис туку уцена, што некој, како што наведе, морал да ја потпише или поради претходни дејствија или за идна награда.

– Правно договорот е антиуставен, национално е понижувачки, рече Милошоски.

Тој обвини за злоупотреба на европското знаменце на законот, со што биле прекршени сите процедури.

Прес конференција на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ

Gepostet von Kurir am Dienstag, 19. Juni 2018