Отворено писмо со аргументи против Договорот од Преспа, со кој е сменето уставното име на Република Македонија, потпишаа професори од универзитетите Харвард, Принстон, Лондон, Болоња, Сорбона, Загреб, Австралија и други места, како и писатели, поети, уметници, уредници, издавачи и други интелектуалци, јави Радио Лидер.
Тие во отвореното писмо предупредуваат дека договорот не им служи на интересите ниту на Македонија, ниту на Грција и дека не е заснован на респект за меѓународното право, човековите права и демократските принципи.
Понатаму се потенцира дека со овој договор којшто се обидува да дефинира политички, историски и културни граници помеѓу „античка Македонија“ и (она што треба да биде) С. Македонија е бизарен потфат несоодветен за 21 век.
„Договорот претставува негација на уставниот суверенитет на Република Македонија, со тоа што последниот збор им е даден на пратениците на странска држава (Грција). Новото име е наменето да се употребува не само во меѓународните односи, туку и во внатрешниот правен поредок. Атрибутот „македонски“ ќе биде избришан од сите службени документи и од јавна употреба под закана од орвелијански санкции. За изучувањето на историјата ќе одлучуваат владини тела, а не научните работници. Меѓународниот мисменаџмент продолжува. Поддржувајќи ги мерките за градење доверба, разрешување на конфликтите и помирувањето, ние застануваме на тврдењето дека Преспанскиот договор не ветува одржлив мир. Членството во НАТО нема да доведе во социјален и економски прогрес или безбедност за малата македонска држава; иронично, но токму Грција е најдобриот доказ за тоа што произведуваат меѓународните диктати на европската периферија“, пишуваат интелектуалците.
Меѓу 76–те потпишани интелектуалци на отвореното писмо, има многу познати македонски и странски имиња, меѓу кои се познатиот писател Милан Кундера, Џејмс Петифер од Оксфорд и Кембриџ, Горазд Росоклија и Славко Богданов од Универзитетот на Колумбија,Стефано Бианчини од Болоња, Жан Павлески од Соробона, Жан Патрик Конард од Лондонскиот универзитет, Ричард Фалк од Принстон и уште многу други.
И додека интелектуалци во светот протсетираат поради договорот за кој македонските академици, со чесни исклучоци, молчеа или го фалеа, денеска Сојузот на синдикати на Македонија објави дека синдикатот на МАНУ излегува на простет, но… за повисоки плати!