Германскиот извоз во Русија и Кина е значително намален во октомври, покажаа денеска објавените прелиминарни податоци на националниот Завод за статистика (Дестатис).
Германскиот извоз во Русија е повеќе од преполовен во споредба со истиот период минатата година, намалувајќи се за милијарда евра, се посочува во прелиминарниот извештај за извозот во категоријата „трети земји“.
Извозот во Кина опаднал за околу осум отсто на 8,6 милијарди евра, што ја одразува строгата кинеска политика на „нулта толеранција“ кон Ковид-19 која влијаеше врз економската активност, проценува „Дестатис“.
Извозот во САД како главна извозна дестинација е значително зголемен, за 28 отсто во однос на ланскиот октомври, на 13,9 милијарди евра. Растот и натаму е поблаг од септември, кога на годишно ниво скокна за 43,7 отсто.
Извозниците имаат корист од послабото евро, бидејќи заслабнатиот курс на валутата во однос на доларот ги прави нивните производи поевтини за американските купувачи.
Извозот во Велика Британија и во октомври на годишно ниво значително се зголемил за 10,2 отсто.
Прилагоден за календарски и сезонски ефекти, германскиот извоз во земјите надвор од ЕУ во октомври падна за 1,6 отсто во споредба со септември кога порасна за еден отсто.
Вредноста на извозот минатиот месец изнесувал 61,2 милијарди евра.