Додека некои општини успеале во октомври да заштедат струја од 60 до 70 отсто во однос на истиот месец лани, Општина Арачиново има скок на потрошувачката од 474 отсто.

Таа е единствената општина која не ја испочитувала препораката за заштеда на струја од 15 отсто, а останатите две кои направиле поголема потрошувачка од ланскиот октомври се Студеничани со 11 отсто и Лозово со 12 проценти.

Ова го презентираше министерот за економија Кршеник Бектеши, кој денеска даде графички приказ за штедењето на институциите. Вкупно 16 општини не постигнале заштеда од 15 отсто.

– Владата, министерствата, собранието, претседателот, ЕСМ, Мепсо, имаат намалена потрошувачка во проек од 29 отсто, што е повеќе со вкупната заштеда од 20% остварена во септември. Задоволство ми е да кажам дека сите институции во октомври имаат намалена потрошувачка. Најмала заштеда има кај здравство од 18%, а кај МОН има заштеда од 58%. Заштедата кај Владата е 32%, кај Собранието е 22%, кај Претседателот е 24%, кај ЕСМ е 25%, а кај Мепсо е 22%. Ако се земат податоците на сите државни претпријатија, агенција и управи, вкупната заштеда е 24% – истакна Бектеши на прес-конференцијата.

Согласно податоците само на министерствата со сите нивни единици на локално ниво, заштедата е околу 33%. Министерството за животна средина заштедило 94%, а МОН заштедило 24%. Министерствата за внатрешни работи и за економија заштедиле 30%. Споредбено со октомври 2021, јавните претпријатија со сите подрачни единици заштедиле 17%.