Цената на суровата нафта минатата недела осетно падна на светскиот нафтен пазар, по шест неделниот раст, откако Саудиска Арабија и Русија го отворија прашањето за ублажување на производните квоти, кои година и пол поттикнуваа раст на цената на нафтата.

На лондонската берза цената за барел во минатата недела падна за 3,3 отсто, на 76,45 долари за барел, додека на американскиот пазар барел нафта поевтини за 4,8 отсто, на 67,9 долари.

До самиот крај на минатата недела цените на нафтата повеќе или помалку стабилно се движеа околу највисоката цена од ноември 2014 година, а во петокот се бележи остар пад, по вестите за можното зголемување на производството на ОПЕК и неговите партнери.

Рускиот министер за енергетика Александар Новак и неговиот саудиски колега Калид ал Фалих се состанаа во Санкт Петербург да ги разгледаат условите за ограничување на производството кои се на сила од почетокот на минатата година.

Од јануари 2017 година ОПЕК и повеќе независни производители на чело со Русија го намалија производството за 1,8 милиони барели дневно за да ја смалат нерамнотежата помеѓу големата понуда и недоволната потрошувачка, ги намалија залихите во светот и го поттикнаа растот на цената на нафтата.