Поради неодамнешните измени на Кривичниот законик застаре и случајот Тендери на СЈО, во кој една од обвинетите беше екс министерката за култура Елизабета Канческа -Милевска.

По пет години судење, како што пишува Фокус, лани Кривичниот суд донесе ослободителна пресуда, а кога случајот стигна на Апелација беше утврдена застареност.

-Уважена е жалбата на ОЈО ГОКК (со навод за застареност) и по жалба и по службена должност преиначена е ослободителната пресуда во одбивателна, одговорија од Апелација за Фокус.

Канческа – Милевска лани беше ослободена од обвинение со првостепена пресуда. Судијата Осман Шабани во образложението на пресудата кажа дека Обвинителството не успеало да ја докаже вината на обвинетите надвор од разумно сомневање.

Овој случај почнуваше од почеток дури шест пати, или низ години, истрагата беше отворена во 2016 година, судењето стартуваше на почетокот на 2018 година, а во 2023 година беше донесена првостепена пресуда.

Предметот „Тендери“ потекнува од СЈО, а задолжен за него беше обвинителот Стевчо Донев, кој сега е виш јавен обвинител. Според обвинението, екс министерката се гонеше за наместен тендер со „Бетон Штип“, кој вредел милион евра.

Неодамна, поради законските измени на КЗ застаре и кривичниот прогон на Канческа- Милеска за предметот Скопје 2014, во делот кој се однесуваше на спомениците.

Извор: Фокус