Претседателот на Словенија Борут Пахор денеска истакна дека изјавите за промена на границите на Западен Балкан ги загрозуваат мирот и безбедноста во регионот, дека тоа важи за сите кои во последно време користат такви изјави и дека единствениот одговор за растот на национализмот и идејата за промена на границите во Западен Балкан е проширување на Европската унија.

На прес-конференцијата по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, Пахор рече дека останува посветен на идејата за влез на Западен Балкан во ЕУ, бидејќи тоа е важно за благосостојбата на луѓето од Западен Балкан и ЕУ, пренесува Анадолија.

Тој оцени дека процесот на вклучување на Западен Балкан во ЕУ е премногу бавен и затоа се зајакнуваат политиките на национализам и за менување на границите, кои се опасни за мирот и безбедноста.

Тој изјави дека во разговорот со Вучиќ се согласил дека доколку ЕУ успее да ги отвори вратите за сите народи и држави од Западен Балкан за многу кратко време, нема да има повеќе зголемување на национализмот и размислувањето за промена на границите, и затоа природен интерес на ЕУ е да го задржи проширувањето кон Западен Балкан на агендата на Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент.

Пахор рече дека ја поздравува иницијативата Отворен Балкан затоа што ја гледа не како алтернатива на проширувањето на ЕУ, туку како паралелен процес кој ја инспирира соработката во регионот и ги отстранува билатералните и мултилатералните проблеми кои можат да ги загрозат мирот, безбедноста и економскиот просперитет.

Тој додаде дека на средбата со косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, што е планирана за утре во Приштина, ќе се заложи за имплементација на Бриселскиот договор во рамки на дијалогот меѓу Приштина и Белград, кој, како што оцени е „закочен, што е причина за загриженост и треба да продолжи, бидејќи ќор-сокакот никому не му користи“.

Вучиќ рече дека Србија треба да отвори нови кластери во пристапните преговори со ЕУ, бидејќи ги исполнила условите, но дека не знае дали тие ќе бидат отворени, бидејќи во ЕУ постои принцип да се најде некоја земја што ќе бара поради билатерални прашања нешто да се запре, посочувајќи дека „така Бугарија прави со Северна Македонија“, а во случајот со Србија, „Хрватска ќе го стори истото, ако треба, или некој друг“.