Градоначалникот на Чашка пријавил во полиција дека на спомен обележје над здравствена установа во Јасеново, на стариот пат кон Прилеп, со брусење е оштетен дел од текстот на плочата на споменикот.

Како што објави ТВ Телма, полициска екипа била на лице место и биле преземаени мерки за расчистување на случајот.

Телма од Министерството за култура, под чија надлежност се наоѓаат меморијалните споменици и спомен обележја, но и од Влада, побарала потврда на информација за бришење на зборовите од спомен плочата, кога се тие отстранети, но и под чија надлежност е грижата за споменикот и спомен плочата за Богомилскиот марш.

Од Министерство за култура за Телма одговориле дека споменикот не е регистриран како заштитено културно наследство. Како споменично обележје за неговото одржување е надлежна Општина Чашка.

Според Законот за меморијални споменици и спомен обележја, предвидена е казна за кривично дело со парична казна или со затвор до три години за оној што ќе оштети или уништи меморијален споменик.

Претходно се брусеше македонското сонце со 16 зраци од јавни површини, со амин од власта по потпишувањето на Договорот со Грција, а сега тоа се прави и со спомениците кои се поврзани со окупацијата од Бугарија на Македонија.