Новиот протест на опозициската коалиција „Србија против насилството“ поради, како што тврди, кражбата на гласови на декемвриските избори во Србија, ќе започне вечерва во 18 часот пред Уставниот суд во центарот на Белград.

„Барањето до Уставниот суд да одлучува за изборниот спор со кој се бара поништување на републичките избори, нашиот адвокатски тим ќе го поднесе претходно истиот ден и ги повикуваме судиите на Уставниот суд да работат во интерес на државата и народот, а не во интерес на режимот на (претседателот на Србија) Александар Вучиќ“, се наведува во соопштението.

Таа коалиција, која бара повторување на републичките и белградските избори одржани на 17 декември, најави и одење на протестна поворка до блиското седиште на Радио-телевизија на Србија (РТС), која, според опозицијата, не известува објективно и во корист на сите граѓани, туку исклучиво ја пропагира власта и бара како јавен сервис кој го плаќаат сите граѓани, РТС да известува за „докажана изборна кражба и прекројување на волјата на народот“ на декемвриските избори.

Коалицијата „Србија против насилството“ ја сочинуваат Партијата за слобода и правда (СПП), Демократската партија, Народното движење на Србија, Еколошкото востание, Зелено-левичарскиот фронт, Србија центар, партијата Заедно, Движењето на слободните Граѓаните, Движењето за пресврт, синдикатот „Слога“ и движењето Новиот лик на Србија.

фото: архива