Договорот од Преспа е извонредно дипломатско достигнување, несомнено најважното дипломатско достигнување во регионот од Дејтонскиот договор, оценил заменик помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер на средбата со новинари во Грција, пренесе грчката новинска агенција АНА-МПА.
Тој додал дека креативноста, добрата волја и силните односи меѓу луѓето кои беа задолжени за преговорите помогнале да се постигне договорот, јави МИА од Атина.
-Палмер, исто така, испрати порака до соседната земја дека спроведувањето на договорот е клучот за напредок на Северна Македонија на патот кон интеграција во ЕУ. Ја истакна потребата властите во Атина и Скопје заедно да работат за да најдат начини, да се справат и ефикасно да ги решат сите точки на несогласување што може да произлезат за време на спроведувањето на Договорот Преспа, но и да се фокусирани на големата слика, на јакнењето и продлабочувањето на нивните односи и на европскиот пат на Северна Македонија, пишува АНА-МПА.
Во однос на улогата на Русија, рекол дека Москва работи против Договорот од Преспа, но и дека ќе продолжи со тие постапки „на начин на кој ќе се обиде да го поткопа спроведувањето на Договорот“.
-Русите преферираат спорови и немири во овој регион и до одреден степен недоверба меѓу државите од Западен Балкан, рекол Палмер и додал дека Русија работи против сѐ што отвора патишта кон НАТО и ЕУ.
Заменик помошникот државен секретар на САД, рекол дека Договорот од Преспа е особено важен и за привлекување инвестиции во Грција.
-Не постои нешто што повеќе им се допаѓа на инвеститорите од предвидливоста. А Договорот од Преспа ќе понуди предвидливост и сигурност, рекол Палмер и објаснил дека ова ќе биде повеќе видливо кога Северна Македонија ќе започне преговори со ЕУ и ќе почне усогласувањето со европските стандарди. Истакнал дека потребни се и низа реформи, вклучувајќи го и владеењето на правото.