Управата за извршување санкции извршила сопствен увид и направила записник за инцидентите што се случија во затворот „Скопје“ со притворените поранешни министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, кои се осомничени за вмешаност во настаните во Собранието на 27 април 2017.

Управата изготви записник во кој бара одговорност за сите службени лица кои дозволиле да се случат инцидентите и дава препораки за спречување вакви настани во иднина.

-Во овие препораки, УИС бара да има соодветна одговорност за сите оние службени лица од затворот кои допуштиле вакво сценарио. Одговорност мора да има, а според нашите сознанија, во КПУ Затвор Скопје веќе се почнати постапки на поведување дисциплинска одговорност. Дадени се препораки и за дополнително зголемување на безбедноста на затворот, со тоа што отсега секоја просторија за престој ќе биде сама на шеталиштето со дополнително присуство на службено лице, се вели во денешното соопштение од Управата за извршување санкции.

Од УИС напоменуваат дека во Извештајот на КПУ Затвор – Скопје, како и Записникот на УИС се опишани безбедносните процедури на КПУ Затвор – Скопје, кои не може да се споделат јавно поради опасност од безбедносен ризик, како и елементи кои може да бидат дел од натамошна постапка од други државни органи, поради кои Извештајот од КПУ Затвор – Скопје, односно Записникот на УИС, не може да бидат интегрално пренесени во јавноста.

Управата за извршување на санкциите обезбедила целосна документација: службени белешки, изјави од службени лица од КПУ Затвор Скопје и припадници на затворската полиција, медицински известувања и снимки од камерите во ходниците и шеталиштата каде што се случиле инцидентите, а бил извршен и разговор со директорот на КПУ Затвор Скопје.

Службените лица од УИС не извршиле разговор со притворените лица поради фактот што тие се наоѓаат на издржување на мерката притвор, а согласно член 180 од Законот за кривична постапка, надзор над притворениците врши претседателот на надлежниот првостепен суд.

Во разговорот со службените лица од КПУ Затвор Скопје, тие информирале дека притворените лица биле примени на издржување на мерката притвор на 20 февруари 2019 година, во 22 часот, по што биле сместени во притворските простории.

-Согласно проценката на сите параметри кои се однесуваат на ризикот при сместувањето на лицата во притворот, заповедникот заклучил дека овие притворени лица нема да имаат никакви проблеми во просториите во кои се сместени. Претходно, притворениот М.Ј бил сместен во просторија која на шеталиштето се среќавала со просторија во која престојувало едно лице осудено во кривичниот предмет „Диво Насеље“ и во текот на претходно изречениот притвор, немало никаков никаков проблем во текот на нивните средби, се додава во соопштението.

Првиот настан се случил околу 11:10 часот, а инволвираните во инцидентот биле спречени и разделени и од другите притвореници и од страна на затворската полиција. Лицето С.Р. побарало средба со својот адвокат и одбило да биде однесено на преглед во болница.

Во 14 и 12 минути, се случува вториот инцидент, но овој пат останатите притвореници не реагирале и не помогнале да прекине инцидентот, туку стоеле настрана. Инцидентот бил веднаш прекинат од страна на затворската полиција. За овој настан има изјави од инволвираните кои имаат спротивставени тврдења за тоа кој го започнал вербалниот инцидент.

По завршувањето на настаните, директорот на УИС доставил препораки до директорот на КПУ Затвор Скопје кој во моментот е во оставка што ќе биде констатирана по завршувањето на претседателските избори, односно во моментот кога ќе може да биде назначен нов директор.