СДСМ и ДУИ на претседателските избори во април ќе излезат со заеднички кандидат.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера по средбата со Заев рече дека ваквиот договор во иднина треба да биде стандард во нашата земја кој ќе биде корисен за граѓаните и за државата.

– Направивме суштинска анализа, имајќи предвид дека треба да воспоставиме еден стандард во нашата земја, иако обиди за тоа имаше и порано но беа неуспешни. За да дадеме една здрава порака кон нашите граѓани дека имаме доволно зрели политички партии но и општество за да донесат заеднички одлуки за претседател на државата. Се договоривме на овие избори да излеземе со заеднички кандидат. Ова да стане стандард и во иднина кој ќе биде еден од корисните нови стандарди за граѓаните и државата, нагласи Ахмети.

Во однос на името на кандидатот, претседателот на ДУИ рече дека се разговара за имињата кои се спомнуваат во медиумите и дека наредните денови ќе има состаноци за да се одлучи за нив, а ќе има состаноици и со другите политички партии за да се здружат со, како што рече,  оваа инцијатива за заеднички кандидат.

СДСМ за недела најави Конгрес на кој ќе биде соопштено името на кандидатот за претседател на Македонија. Лидерот на СДСМ Зоран Заев пред првиот координативен состанок на партијата во вторникот вечерта на кој ги разгледувале извештаите од општинските организации и пристигнатите самокандидирањата, рече дека во тек е постапката за селектирање избор на заеднички кандидат.

-Ќе имаме и доста телефонски контакти и други видови на разговори со нашите секретари кои се во комуникaција со органите на политички партии со кои разговараме за да видиме дали има евентуално исчекор или можност да се дојде до заеднички кандидат. Информациите ми се позитивни, не сме многу далеку. Верувам дека имињата ќе бидат конечната причина за изнаоѓање на заеднички кандидат, рече Заев.

Коментирајќи го договорот помеѓу СДСМ и ДУИ за заеднички претседателски кандидат, лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера во интервју на 1тв рече дека е убеден оти тој е „најмалку консензуален кандидат“.

– Тој кандидат е најмалку консензуален, туку заеднички кандидат поддржан од овие две партии за да го намали поразот на  претседателските избори и кратко да ја продолжи политичката кариера на политичарите од овие две политички партии. Јас сум сигурен ако излезат со посебен кандидат ќе изгубат од Силјановска, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Конкурсот на СДСМ за пријавување на кандидати за претседател на државата заврши на 19 февруари.  Единствено за кој е познато дека има поднесено кандидатура за претседател од СДСМ е поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов.

Шестите претседателски избори беа распишани на 8 февруари. Првиот изборен круг е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.