Папата Франциск се согласи во декември да се сретне со преживеаните канадски државјани, кои биле злоупотребени во озлогласените католички интернати, по повикот да се извини за улогата на Католичката црква во злоупотребата и смртта на илјадници деца.

Канадската конференција на католички бискупи јави дека Франциск поканил делегации во Ватикан и дека од 17 до 20 декември ќе се состане со претставници на трите групи домородни народи, Првиот народ, Метис и Инуитите.

Ватикан засега не го потврди оддржувањето на состанокот, но порталот Света столица информираше за објавата на владиката.

Во последните неколку недели, истражителите открија стотици необележани гробници на местата на поранешни резиденцијални училишта за домородни деца.

Откако беа откриени над 600 гробови на местото на училиште и остатоци од 215 деца, канадската јавност и премиерот Џастин Трудо побараа папско извинување.

На почетокот на јуни, папата Франциск изрази болка во врска со откривањето на остатоците на децата и ги повика верските и политичките службеници „да го расветлат овој тажен настан“, но не понуди извинување.

Во Канада, од 19 век до 70-тите години на минатиот век, повеќе од 150. 000 домородни деца биле насилно испраќани во резиденцијални училишта финансирани од канадската Влада и управувани од цркви и основани со цел за насилно асимилирање на домородните народи.