Омар Ашмави, пензиониран мајор на американското воено воздухопловство и обвинител во озлогласениот затвор Гвантанамо, изјави за „Вашингтон пост“ дека затворот треба веднаш да се затвори.

Тој се осврна на своето искуство за време на судењата во Гвантанамо и за големото разочарување кое го доживеал верувајќи слепо дека правдата постои и дека неговата земја, Америка, спроведува токму таква правда.

Американците направија затвор во воената база Гвантанамо на Куба во 2002 година по терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година и во него ставија стотици лица осомничени за помагање на џихадистичката организација Исламска држава, главно Авганистанци и Ирачани. Затворот бил еден вид логор, предупредуваа медиумите долги години, а Ашмави истакнува дека тој бил еден од двата воени суда кои ги изградиле САД во својата историја и дека сè што е поврзано со него е особено опасно.

– Воените трибунали понекогаш се неизбежни последици од војната, но одолговлекувањето на правните постапки на овој начин, речиси 20 години, е целосно апсурдно и неамериканско и е целосно спротивно на нашите принципи на владеење на правото и она што го сметаме за фер процес“, додаде Ашмави, нагласувајќи дека неговиот престој во Гвантанамо всушност било „болно будење“.

Тој сметал дека потрагата за правда ќе биде фер и објективна, и ќе претставува пример за целиот свет, но тоа не се случило.

– Веќе четири години политички, правни и хуманитарни претставници бараат затворање на затворот во Гвантанамо. Засега, администрацијата на Џо Бајден не дава ништо за овие приказни, освен што побараа ослободување на тројца затвореници кои се уште се таму, изјави Ашмави за „Вашингтон пост“.

Според него, без комплетен план и завршување на судењето на сите уапсени, или без политички потешка варијанта – ослободување на сите без судење, овој затвор не може да се затвори.

– Практично, ќе се најдеме во ситуација да го покренеме прашањето за учеството на Америка во воени злосторства: тортура и незаконско притворање, што е сето неетичко и е спротивно не само на нашиот концепт за правда, туку и на меѓународното право, рече Ашмави.

Тој на крајот додаде дека, како Американец, поранешен активен член на американската војска и адвокат, бил згрозен од она што се случувало во Гвантанамо кога тој бил таму, а тоа било во времето на претседателот Џорџ В. Буш.

– Сето тоа, повеќе или помалку, продолжи и во мандатите на следните двајца претседатели на САД, истакна Ашмави.