Мажите со длабоко вкоренети хомосексуални склоности не треба да бидат примани во свештеничките редови, а свештениците кои се активни хомосексуалци би било подобро да заминат од Црквата отколку да водат двоен живот, порачува папата Франциско во новата книга.

Папата, како што пренесува Хина, тоа го кажа во долгото интервју со шпанскиот свештеник Фернандо Прадо, објавено во книгата „Моќта на позивот“, во кое говори за денешните предизвици во животот и Црквата.

Книгата треба да биде објавена деновиве на неколку јазици.

Папата рече дека загрижува хомосексуалноста во Црквата.

– Прашањето за хомосексуалноста е многу сериозно, рече папата, додавајќи дека на оние на кои им е доверена должност да подготвуваат мажи за свештеници мора да бидат сигурни дека кандидатите се „хумано и емоционално зрели“, пред да стапат во редот.

Тоа се однесува и на жените кои сакаат да станат чесни сестри.

Во Католичката црква свештениците и чесните сестри мора да дадат завет за целибат. Црквата учи дека хомосексуалните склоности не се грев сами по себе, но делата се.

Папата Франциско рече дека „за тоа нема место“ во животот на свештениците и чесните сестри.

Тој ги повика хомосексуалците и лезбијките меѓу свештениците и чесните сестри да го почитуваат целибатот и да се однесуваат одговорно за да бидат избегнати скандали.

– Подобро е да заминат од свештеничките служби или посветениот живот, отколку да живеат двоен живот, порача папата.

Интервјуто е правено во средината на август. Две недели подоцна, на 26 август, надбискупот Карло Мариа Вигано, бивш ватикански амбасадор во САД, предизвика голем скандал објавувајќи дека во Ватикан постои „хомосескуална мрежа“, чии членови меѓусебно си помагаат во напредувањето во Црквата.

Исто така, го обвини папата дека го игнорирал случајот на бившиот кардинал Теодор Мек Карика (88) обвинет за полово злоставување.