Сараево денеска беше најзагаден град во светот, со индекс за квалитет на воздухот од 268 единици, објави американската влада, врз основа на податоците што ги собира од градовите каде што има амбасади на САД.

Сараево денеска во 14 часот беше позагадено и од Пекинг, чиј индекс на квалитет на воздухот изнесува 242.

Индексот на загаденост, како што пренесе Н1, во саботата вечерта преминувал 300 единици.

– Вредноста на индексот за квалитет на воздухот помеѓу 201 и 300 може да предизвика сериозни здравствени проблеми, се наведува во предупредувањето, во кое е објаснето дека амбасадата на САД во Сараево поседува опрема за следење на квалитетот на воздухот.

Податоците за квалитетот на воздухот во амбасадата може да се разликуваат од останатите монитори кои се наоѓаат во Сараево, бидејќи податоците од една контролна станица не може да се применат за целиот град.