Адора Инженеринг која пред повеќе од една година ги купи топланите Исток и Запад, сака да ги продаде по иста цена по која што ги купила. Во денешното соопштение од компанијата информираат дека на 18 август до нив е пристигнато барање од ЕСМ за доставување на понуда за продажба на имотот.
– Во најдобар интерес на дејноста и граѓаните, „Адора Инженеринг“ одговори дека е согласна со ова барање и сме спремни доколку ги наплатиме побарувањата од изминатиот период кој што законски ни следуваат, да го продадеме имотот по истата цена по која што го купивме, се вели во соопштението.
„Адора Инженеринг“ на 1 септември минатата година на јавна лицитација за сума од 9,26 милиони евра со вклучени даноци ги купи топланите „Исток“ и „Запад“, коишто претставуваат основни средства за регулираното производство на топлинска енергија во градот Скопје, кои беа во стечајна постапка.
– Меѓутоа, од тогаш до денес, „Адора Инженеринг“ нема добиено ниту владение врз купениот имот од страна на „Топлификација“ АД во стечај и БЕГ, ниту апсолутно никаков надомест за користење на имотот од страна на БЕГ, поради што се нанесува огромна штета врз работењето на „Адора Инженеринг“. БЕГ одби регулирање на меѓусебните односи за користење на топланите, односно ги користи топланите бесправно. Оваа проблематика не беше, а можеше да биде регулирана преку деловно-техничката соработка помеѓу ЕСМ и БЕГ која беше направена во јануари оваа година. Дополнително, топланите во изминатите неколку години се драстично обезвреднети поради фактот што износот за амортизација на опремата кој е определен и контролиран од РКЕ, и граѓаните го плаќаат со цел одржување на топланите во добра кондиција, речиси целосно не бил вложуван во изминатите неколку години, што нанесува директна штета, пред сè на квалитетот на дејноста и економската исплатливост во истата, велат од „Адора Инженеринг“.
Оттаму додаваат дека веруваат оти ќе најдат заедничко прифатливо решение со ЕСМ.
– За „Адора Инженеринг“ е потребно регулирање на досегашните долгови настанати во изминатата година по основ на принос на капитал и невложена амортизација со цел да пристапиме кон регулирање на идните односи, велат од компанијата.