Сега, откако се наполнија 120 години од Илинденското востание, ВМРО-НП смета дека доволно време е поминато за да се направи една полна рехабилитација на многу личности кои учествуваа и се бореа во Илинденското востание, а од идеолошки и други неразбирливи причини беа оцрнети од македонската историја, се вели во соопштението на ВМРО-Народна партија.

Во продолжението на целото соопштение на партијата која ја формира бившиот премиер Љубчо Георгиевски:

Сакаме да го спомнеме ликот на Тома Давидов кој беше назначен лично од Гоце Делчев за главен воен ревизор на битолскиот револуционерен округ, кој за жал загинал непосредно пред Илинденското востание, но бил главниот човек кој ја направил толку силна воената организација на ТМОРО непосредно пред самото востание.

Но, врв на нашата неодговорност кон историјата е фактот што Илинденското востание го воспеваме со највисоки пофалби, а од главниот штаб на истото тоа востание, кој беше составен од Даме Груев, Борис Сарафов и од Атанас Лозанчев, го признаваме само Даме Груев. Борис Сарафов се уште официјално го сметаме за врховист, а Атанас Лозанчев дури и за фашист.

Исто така, не можеме да сфатиме зошто Илинденското востание го сведуваме само на десет дена во Крушево, кога јасно е дека востанието траело повеќе од два месеца и под истата команда и истото решение се дигнал и народот во Одринско, односно на Преображение во Одринско, а на Крстовден во Серско.

И доаѓаме до моментот кога самите ја намалуваме димензијата на големината на Илинденското востание.

Понатаму кога зборуваме за вториот Илинден – АСНОМ, за жал освен Методија Андонов Ченто, кој е официјално рехабилитиран, нитуе една друга југословенско- титоистичка жртва не е рехабилитирана. Се соочуваме со невидена историска хипокризија со која устата ни е полна во одбрана на АСНОМ, а скоро 80 години после тој АСНОМ не сакаме да го погледнеме списокот на луѓето кои учествувале на заседанието на АСНОМ, колку од нив биле убиени, колку мачени по југословенските затвори и колку од нив за жал избегале во Бугарија.

Само полна рехабилитација на жртвите на АСНОМ ќе ни даде право да зборуваме и да го славиме понатаму.

ВМРО-НП