Премиерската палата во Атина од денеска има нов жител, кучето Peanut, кое грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и неговите соработници решија да го вдомат, јави дописничката на МИА од Атина.

-И вака некако Peanut влезе во нашиот живот! Нè избра кога пред две седмици го посетивме Здружението за заштита на животни Илиуполи, по повод Меѓународниот ден на бездомните животни. Отворете ја прегратката и спасете едно бездомно животно!, напиша грчкиот премиер на социјалните мрежи објавувајќи фотографии од кучето.

Од Здружението велат дека Мицотакис и Peanut „се запознале“ пред две седмици, а „малиот веројатно му го украде срцето на премиерот и неколку дена подоцна реши да го посвои“.

На неколку метри од премиерската палата е претседателската палата, каде што веќе пет месеци живее мачката Калипсо, која грчката претседателка Катерина Сакеларопулу ја вдоми при нејзината посета на островот Карпатос.