Македонската химна е гордост и чест да ти доверат да ја отпееш, вели популарната македонска пејачка Елена Ристевска, која ја испеа македонската химна на прославата на Американската амбасада по повод 4 јули, Денот на САД.

Ристевска во својата објава на Фејсбук истакнува дека за Македонија признава само една придавка – Република. Во продолжение целата објава од македонската поп ѕвезда:

Македонската химна е гордост и чест да ти доверат да ја отпееш.

Секогаш со посебно чувство сум ја пеела, бидејќи не е било која песна, химната е песна на еден цел народ , МАКЕДОНСКИ НАРОД. Јас знам за една Македонија без придавки (освен придавката “Република”) за која сум учела и во која живеам од кога знам за себе, за еден јазик- МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК кој впрочем го говорам, знам за една нација или народ за кого пеам 20 години.

Исто толку години ја претставувам мојата нација и мојата земја насекаде низ светот, а таа земја се вика МАКЕДОНИЈА. И токму сега во овие тешки моменти треба да ечи насекаде МАКЕДОНСКАТА ХИМНА, бидејќи носи силна порака.

Покрај споменување на револуционерите и народот кои се бореле и умреле за татковината, се споменува само едно име- МАКЕДОНИЈА и еден народ- МАКЕДОНСКИ.

Ова не е време за било какви поделби и овој коментар нема никаква политичка конотација, има исклучиво патриотска.

(Текстот е од ФБ профилот на Елена Ристевска)