Популарниот македонски пејач Влатко Илиевски утрово бил пронајден мртов во автомобил во Скопје, потврди МВР.
Според информациите Илиевски бил најден во моторно возило марка Тојота на Булеварот Трета Македонска бригада.
Од полицијата ја потврдија оваа информација. Велат дека на местото е извршен увид од страна на Јавен обвинител и телото е предадено на обдукција.
Нема информации кои се причините за смртта.
Влатко Илиевски беше еден од најпознатите рок пејачи во Македонија. Тој е роден на 2 јули 1985 година. Во 2010 година ја претставуваше Македонија на Песна на Евровизија со песната „Русинка“.
Пред да ја почне соло кариерата беше фронтмен на групата Морал .
Во 2010 дипломира актерство на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
OJO: Нема видливи траги на насилство
Според првичните информации, кај починатиот поп-пејач Влатко Илиевски не биле видливи траги на насилство, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје.
Дежурен јавен обвинител од ОЈО работи на расветлување на причините за смртта на 33-годишниот Илиевски.
Јавниот обвинител издал наредба за обдукција на починатиот, како и насоки за прибирање траги пронајдени на лице место на кои ќе претстои вештачење.
– Возилото е запечатено и, исто така, е предадено на вештачење. Се преземаат сите дејствија за да се утврдат причините за смртта, наведува ОЈО во соопштението.
На музичката сцена од 2000 година
На музичката сцена беше активен од 2000 година. Свиреше гитара во локални скопски бендови, членувал во бендот „Мејд ин Маседониа“, а потоа стана познат како вокал на групата „Морал“ која во 2005 година настапи како предгрупа на концертот на „Дип парпл“ во Скопје.
Од 2007 година почна солистичка кариера и имаше два албума со вкупно 20 песни, меѓу кои: „Најбогат на свет“, „Уште си ми ти“, „Со други зборови“, „Гушни ме“, „Скитник“, „Среќа“, „Пред да те знам“, „Се што сакав по тебе“, „Пак на старо“…