Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји порача дека разните еднострани санкции или ограничувања за Авганистан треба да бидат укинати што е можно поскоро.

„Економските санкции за Авганистан треба да престанат“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи, повикувајќи се на пораката на Ванг од виртуелната средба на министрите за надворешни работи на Г-20.

– Девизните резерви на Авганистан се национални средства што им припаѓаат на луѓето во таа земја и треба да ги користи авганистанскиот народ, но не треба да се користат како средство за вршење притисок врз Авганистан, рече кинескиот министер за надворешни работи.

Авганистан е на работ на колапс и глад, поради војната, временските непогоди, бегството на населението откако талибанците се вратија на власт и меѓународните сили се повлекоа.