Албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши најави дека по три недели на саемот Eurosatory во Париз, ќе го претстави првото оклопно воено возило.
Тој на социјалните мрежи сподели неколку фотографии од автомобилот на кој се појавува заедно со сопственичката на компанија која работи за ова достигнување на неговата земја.
-Албанија има капацитет да истражува, наоѓа, создава и патентира. Заедно со нејзината компанија „ТИМАК“, Арјета работи на прототипот на првото воено оклопно возило, „MadeInAlbania“. Многу сум среќен што нашиот Центар за иновации се приклучи на оваа прекрасна иницијатива. Сигурен сум дека после 3 недели во Париз на саемот „Eurosatory“ успешно ќе го претставиме овој албански производ, напиша Пелеши.
Додава дека компанијата во која 75 отсто од вработените се жени извезува санитетски возила во 20 земји низ светот, а сега „храбро влегува на пазарот во воената индустрија“.
Министертвото за одбрана на Албанија веќе има подготвено Предлог-закон со кој ќе го реактивира производството на оружје и муниција, преку формирање државна компанија, која ќе го контролира овој сектор.
Ова нема да биде единственото вложување во областа на одбраната, бидејќи долгорочниот 10-годишен план има за цел зголемена мобилизација во армијата и формирање на неколку воени бази.
Во Албанија по 1970 година се изградени три претпријатија за производство на оружје и муниција, во Мјекс кај Елбасан, во Грамш и во Поличан, но во истите со децении е запрено произведството.
Фото: ФБ Пелеши