Армијата на Република Македонија е во одлична кондиција ако се спореди што се случуваше во таа институција пред само две, три или пет години, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски.
– Тоа не се должи само на енормно зголемениот буџет, кој за следната година ќе биде 160 милиони евра, што е апсолутен рекорд за одвојување средства за воениот буџет од нашата независност до денес, Пендаровски, кој денеска беше брифиран од началникот на Генералштабот на Армијата генерал потполковник Васко Ѓурчиновски за состојбата со борбената готовност на Армијата во изминатата година.
Изразувајќи задоволство од она што го слушнав и од она што го знае од тековното информирање, Пендаровски истакна дека постои раководство во државата и во овие ресори кое има поинаква стратешка парадигма. Сепак, укажа дека има уште простор за подобрување на состојбите, меѓутоа, рече, ако дадовме гаранција пред НАТО и имаме цврста намера тоа да го реализираме следните пет години до 2024 година да одвојуваме два проценти од БНП, а следната година ќе биде 1,4, може да биде само подобро.
– Перспективите се добри. Ова беше реферирање за 2019 година, но имавме и приоритети за 2020 година и за следните пет до 10 години проценки на следните трендови. Политичката поддршка на овој курс мора да продолжи и да се зголеми бидејќи нема да ги завршиме сите работи со членството во НАТО. Имаме куп обврски кои доаѓаат и како полноправни членки на НАТО и не можеме да спиеме. Напротив стандардите се исклучително високи и за оние кои веќе се членки на Алијансата, нагласи претседателот Пендаровски.
Прашан за дебатите кои се водат во Собранието за усвојување на Законот за одбрана, пред се одбивањето од страна на ВМРО – ДПМНЕ за името на Армијата во рамки на новиот закон, Пендаровски укажа дека името на Армијата како една од институциите во оваа земја е јасно определено после промената на Уставот. Тука, потенцира, нема простор за понатамошни дебати.
– Во овој момент овој Устав важи и во него пишува како се вика и државата и клучните институции и не гледам простор за било какво договарање во тој дел. Работните групи на парламентарните партии постигнаа согласност по целокупниот текст на тој закон, што е исклучително битен за оваа структура за која денес говориме. Остана само името и велат името не е одлука моја, Ваша, на опозицијата или на сегашната власт, само Армијата да ја применуваме. Тоа е одлука што има врска со промената на Уставот, со две третини, појасни Пендаровски.
За време на денешната средбата со врвните раководители во Армијата, шефот на државата предупредил дека ние сепак се уште не сме членка на НАТО, иако очекуваме.
– Полека влегуваме во период на техничка Влада и предизборен период. Треба да бидеме претпазливи се додека не станеме членка на НАТО. Сите капацитети се подигнати во таа насока за рано предупредување ако евентуално постои некаков обид, не зборувам за територијални закани, туку за политички пропаганди, лажни вести, кои беа прилично присутни за време на референдумската кампања. Очекувам дека и наредниот период би можело да очекуваме зголемен интензитет на такви вести на таква политичка кампања или кампања за дезинформирање на македонската јавност, изјави Пендаровски.