Во вечерашното интервју на Канал 5, што се однесува до актуелните случувања, Стево Пендаровски истакна дека досегашната разврска на случајот со Рашковски е добро примен во Брисел.

Додека чекаме нова влада во Софија и повторно седнување на маса за преговори, не смееме да дозволиме нешто ново да се појави. Тука, мислам на 111-тото место на Транспарентност, кое е влошување од минатата година, изјави тој, нагласувајќи дека во таа насока, во Брисел многу добро биле оценети случаите со Рашковски и уапсениот шеф на полиција при заплената на дрога.

Во однос на транспарентноста, посочи Пендаровски, имало и доста реакции за време на неговата посета на Брисел.

– Таму морам да кажам, ова со Рашковски, во оваа фаза, е прилично добро примено, бидејќи стануваше збор за човек, кој до вчера беше генерален секретар на Влада. Посебно втората мерка од домашен во ефективен притвор, за да некој не помисли ниту тука, ниту во Брисел, дека има некакво политичко влијание. Тоа покажува дека политиката ги трга прстите од правосудството, изјави Пендаровски.

Како позитивен пример, како што истакна, била посочена и последната полициска акција со заплена на дрога, каде регионален шеф на полицијата е под обвинение.

– Прилично добро е оценето, тоа што регионален шеф на полицијата во Прилеп, кој бил дел од тој конвој, сега е под обвинение. Значи, шеф на полиција, за кој се претпоставува дека не е отворен непријател на власта, сега е под истрага. Тоа, покажува дека во виталните сегменти на општеството, оваа Влада не се однесува, така како владата на Груевски, изјави Пендаровски.