По повод чествувањето на 30 години независна македонска држава, вечер во претседателскиот кабинет, претседателот на државата Стево Пендаровски свечено ќе ја отвори изложбата „Ликовни блесоци“ на која ќе бидат претставени автори и дела кои се приказ за виталноста и автохтоноста на историското колективно постоење и дејствување.
На изложбата во претседателскиот кабинет ќе бидат претставени дела на Димитар Пандилов Аврамовски, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Љубомир Белогаски, Димитар Кондовски, Боро Митриќески, Петар Мазев, Глигор Чемерски, Драгутин Аврамовски-Гуте, Ристо Калчевски, сѐ до Ана Темкова, Родољуб Анастасов, Омер Калеши.
Како што информираат од Кабинетот на претседателот, во рамки на изложбата ќе има и резиме на околу 143 автори кои имаа најголемо влијание во изминативе 30 години, а чии дела ќе бидат дигитално претставени.
За време на настанот, млади уметници – студенти од Факултетот за ликовни уметности ќе изработуваат слика – мурал, што ќе биде донирана во хуманитарни цели, а ќе настапи и Долорес Поповиќ, актерка и композиторка.