Претседателот Стево Пендаровски е во консултации со правни експерти па потоа ќе го потпише законот за попис, изјавија за МИА од кабинетот на претседателот и додаваат дека ставот на претседателот ќе биде соопштен деновиве.
-Претседателот Пендаровски врши консултации со правни експерти за донесениот Закон за пописот и во наредните неколку денови ќе го соопшти својот став, велат од кабинетот на Пендаровски.
Истиот ден по донесувањето, претседателот на Собранието, законот го доставил до претседателот на Републиката заради потпишување на указот за прогласување на законот.
Пендаровски согласно законот, во рок од седум дена од денот кога му е доставен законот, треба да го потпише указот за прогласување на законот или писмено го известува претседателот на Собранието доколку одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот.
Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот согласно со Деловникот, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката.
Во меѓувреме, пратеникот од опозицидката ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, вчера повторно го изнесе ставот на партијата дека овој попис е крајно политизиран и уште еднаш го повика претседателот Стево Пендаровски, пред да реши дали да го потпише указот за Законот за попис да се консултира со експерти. Според него, овој попис се води по застарена методологија, за која тие сметаат дека не е усогласена со највисоките стандарди од ОН и ЕУ, односно стандардите на Евростат.
– Ние даваме конкретни предлози како може Македонија да направи електронски попис бидејќи имаме капацитет за тоа. Но очигледно немаше слух, рече Муцунски.
Пратеничката од СДСМ Марија Георгиевска вчера изјави дека најавата од ВМРО – ДПМНЕ за собирање потписи за поднесување закон за поништување на Законот за попис и повикувањето на граѓаните за да го бојкотираат пописот е крајно антидржавно однесување.
– Се надеваме дека во наредниот период ќе ги преиспитаат своите одлуки околу собирањето на потписи заради тоа што деструктивното однесување и повикувањето за непочитување на законот за попис којшто е од исклучителна важност за нашата држава и за креирањето на понатамошните политики особено во однос на економијата, изјави на вчерашната прес-конференција Георгиевска.
Собранието го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во 2021. на 20 јануари. Ова законско решение го поддржаа пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ и Беса, и опозициската Алијанса на Албанците и Алтернатива, но за него не гласаше најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Пописот на населението, домаќинствата и становите во Македонија, прв во земјава по 19 години, согласно донесениот закон, треба да се спроведе од 1 до 21 април, оваа година, а за негова доследна реализација ќе биде изготвена методологија и други пропратни документи.