На вториот ден од кампањата, кандидатот за претседател Стево Пендаровски се обрати пред граѓаните на Пробиштип, им се заблагодари за досегашната и повторно ја побара нивната поддршка на 24 април и на 8 мај.
Истакнувајќи дека во изминативе пет години тоа што го ветил и го исполнил до последно, Пендаровски посочи дека бил, е и ќе биде претседател на сите.
„Не постои еден единствен граѓанин кој сакал да ме види, да поразговара со мене, а да не сум го примил. Не постои ни еден кој побарал помош од мене, а да не сум се обидел во рамки на моите можности, да му помогнам. И не постои ниту еден граѓанин, човек во нашава држава кој може да каже дека сум го деградирал, дека сум го дискриминирал, дека сум го понижил, дека сум го навредил само затоа што не е од оваа политичка структура, само затоа што не е Македонец, или од која било вера и да е“, потенцираше Пендаровски.
Во насока на лажните ветувања на опозицијата, Пендаровски рече дека граѓаните не смеат да им веруваат на политичари чии ставови се менуваат во зависност од тоа дали ги кажуваат јавно или зад телевизиските камери. Тој додаде дека опозициските функционери велат „никогаш Северна“, ама од Северна Македонија пет години по ред примаат високи функционерски плати како пратеници, како градоначалници, како локални советници.
Зборувајќи за досегашните грешки на владејачката гарнитура, Пендаровски со граѓаните на Пробиштип ја сподели идејата за целосен ветинг на сите судии и обвинители, но и на сите политичари.
„Во однос на главната парола „Нема правда, нема мир“ чесно е кажеме дека застанавме на половина пат. Затоа јас предлагам и сите што ме поддржуваат се согласуваат со тој предлог, веднаш после изборите, откако ќе ја добиеме вашата доверба да направиме комплетен, длабок сеопфатен ветинг на сите судии и обвинители, но и на сите политичари кои ја бараат вашата доверба“, заклучи Пендаровски.
Вториот ден од кампањата, Пендаровски ќе го заврши со централен митинг во Штип.