„Страшно ме погоди судбината на Јане Ченто. Зар е можно судбината на неговиот дедо да се повторува во 21 век, во современа Македонија“, рече во оваа насока претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ

Во името на правдата, етиката и моралот, претседателот на државата потребно е понекогаш да се одважи и да посегне по кочницата наречена помилување. Тоа ќе го направам и честопати го споменувам особено кога ги имам на ум обвинетите од 27 април.

Ова, на вториот ден од изборната камапања за првиот круг од претседателските избори, од вечерашниот митинг во Струга, го изјави кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, најавувајќи дека доколку дојде на позицијата претседател на државата ќе ги помилува осудените од 27 април.

„Вам граѓаните, кога некогаш неоправдано ќе се најдете во судот, пред лицето на правдата, односно на неправдата, многу ви е важно дали има шанса од една кочница наречена помилување. Да, помилувањето не е случајно, има долга историска традиција. Го користеле кралеви, кралици, претседатели ама кај нас мислам дека не се користело кога треба или се злоупотребувало кога не треба. Потребно е во името на правдата, на етиката, на моралот претседателот понекогаш да се одважи и да посегне по една кочница во однос на судот. Тоа ќе го направам и честопати го спомнувам особено кога ги имам на ум обвинетите од 27 април. Страшно ме погоди судбината на Јане Ченто. Зар е можно судбината на неговиот дедо да се повторува во 21 век, во современа Македонија. Замислете да бидете обвинети за организирање на тетрористичка закан или за рушење на уставниот поредок на Македонија. Последиците ќе ги чувствувавме до ден денес ако имаше таква закана“, рече Силјановска.