Одбележување 25-години од воспоставувањето на билатералните односи меѓу САД и Македонија следната година, како и очекуваното скорешно зачленување на нашата земја во НАТО ќе даде дополнителен импулс за натамошно зајакнување на стратешкото партнерство меѓу двете пријателски држави.
Ова денеска го истакнал претседателот Стево Пендаровски, кој оствари средба со специјалниот претставник на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Метју Палмер.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот Пендаровски, беа разменети мислења за билатералните односи меѓу Македонија и САД, како и за состојбите во регионот.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за ратификацијата на Пристапниот протокол за членство на Македонија во НАТО од страна на американскиот Сенат и изрази уверување дека ќе продолжи безрезервната поддршка на САД за остварување на стратешките цели на државава.
Пендаровски, како што се наведува во соопштението, ја истакна важноста на неодамнешната посета на државниот секретар на САД, Мајк Помпео на Македонија, оценувајќи ја како потврда за стратешкото партнерство меѓу двете земји и заедничките заложби за стабилен и просперитетен регион.
На средбата претседателот Пендаровски истакна дека за земјите од Западен Балкан не постојат други алтернативи, освен членство во Европската Унија.