Бугарија не извлече од тоталната изолација, вели претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за бугарската агенција БГНЕС.
– Никола Груевски ја воспостави најтемната антибугарска пропаганда на поранешна Југославија. Историски парадокс беше наследникот на ВМРО да се чувствува поблизок до Белград отколку со Софија. Недостатокот на патна инфраструктура помеѓу Софија и Скопје не спречува да излеземе од оваа магла и да ги реализираме и разбереме историските факти. Во Скопје имате десетици српски медиуми и нула бугарски. Не сакам да слушнам за било каква четврта Југославија. Во оваа фаза, „малиот Шенген“ е во структурна беспомошност, порачува Пендаровски.
Тоа се само дел од пораките на Пендаровски во обемното интервју.
– Јас бев неодамна во Белград во официјална посета на Србија и на прес-конференција ги кажав моите лични резерви кон „Мини шенген“. Меѓутоа, тие најмногу лежат во делот на евроинтеграциите за нас. Првпат „Мини шенген“ беше објавено во Нови Сад, некаде околу 11-12 октомври, само неколку дена пред многу негативната одлука на францускиот претседател Емануел Макрон и во суштина на целиот Европски совет за нас да не ни дозволат отворање на преговорите. На прес-конференција на 18 октомври на која ја образложи својата одлука рече „тоа се наши соседи“, но во институционална смисла ние не сме соседи. Соседи на ЕУ се „Источното партнерство“, како Молдова и земјите од Северна Африка. Ние сме дел од Европа и треба еден ден по исполнување на критериуми да бидеме полноправна членка на таа Европа. И кога го видов првичниот предлог за „Мини шенген“ кој вели дека во основата се тие т.н. четири слободи кои се и во идејата на ЕУ, меѓутоа и се четирите основни елементи на „Европската економска зона“, јас реков ако е ова компензација за членство, ако е ова компензација јас ќе речам – не, благодарам за таа иницијатива. И тука сите политички лидери се согласија, вклучително и премиерот Заев кој беше потписник и учесник на правата средба, подоцна организатор на втората во Охрид, дека ние не го прифаќаме „Мини шенген“ ако е компензација или алтернатива за членство. „Мини шенген“ има структурни слабости и не треба да биде нова Југославија, вели Пендаровски во интервјуто што го пренесуваме во целост.
Во политиката празниот простор веднаш го пополнуваат други
– Во политиката, особено во меѓународната политика е правило број еден. Ако една организација или голема држава ако остави празен простор, друга ќе го пополни. Во оваа ситуација ако ЕУ го остави овој простор, не зборувам само за С. Македонија, зборувам за сите целиот простор на Западен Балкан … ќе има стратешки вакуум. Тој нужно ќе се пополни за многу кус временски период од други држави, дури и вие ако не сакате. Мислам дека ЕУ ја сфати грешката што ја направи во октомври.
Ако ЕУ и на Самитот во Загреб кој е закажан за време на хрватското претседателство за 6 мај, ако и тогаш од не знам кои мотиви, причини не донесе политичка одлука, значи нај на крајот, велам, тогаш ќе биде уште поголем проблемот од аспект на пополнување на стратешкиот вакуум бидејќи ќе биде јасно дека ЕУ нема намера ни брзо да погледне кон Западниот Балкан.
Бугарија не извлече од изолацијата, а Груевски воспостави југосолвенска агресија
– Не е претерување квалификацијата која Зоран Заев често ја дава за улогата на Бојко Борисов и на актуелната бугарска Влада во последните две години кога вели дека заедно со Ципрас тие помогнаа, помогнаа да се извлечеме од меѓународна изолација побрзо. Навистина сметам дека Договорот за добрососедство со Бугарија, колку и да изгледа едноставен во ситуација кога се потпиша ние само што бевме излезени од еден ригиден автократски режим на Никола Груевски кој вие тоа го знаете, не беше само антизападно, туку беше и антиалбански и антибугарски настроен. Во една таква атмосфера во која се што доаѓаше од Софија беше како во најлошите денови на комунизмот, кога се кажуваа вицеви за Бугарите, кога се исмевавме со бугарскиот народ под пропагандата на комунистичкиот режим, тоа беше во прилична мерка реставрирано во времето на Груевски и што е историски парадоксен, да организацијата која тврди дека е историски наследник на историското ВМРО отиде со таква антибугарска реторика и конкретни постапки. Значи, да знаете, Бугарија како држава во времето на Никола Груевски не постоеше воопшто…
За Груевски Белград беше приоритет
– Не сакам да се објаснувам за тоа на долго и на широко од оваа позиција од која сум. Порано како професор и како експерт сум го кажувал тоа. Значи, тоа беше најголемата историска девијација лидерот на историското ВМРО Белград да му е поблизок од Софија. Но, тука ќе запреме во тој дел.
Договорот за добрососедство беше потпишан на 1 август 2017 година само два и пол месеци од формирањето на Владата на Зоран Заев. Значи, атмосферата беше се уште таква каква што беше претходно, не беше изменета. Ние немавме време да кажеме дека луѓето таму на истокот од нас не се нашите непријатели. Бугарија е веќе долги години земја членка на ЕУ, а и на НАТО и дека, освен Солунското пристаниште, е нашата најблиска врата према Европа.
Признавањето на Македонија во деведесеттите е јасно, тогашната улога на тогашниот претседател Жељу Желев и помошта кога ние бевме по Коридорот 10 буквално исечени заради грчкото ембарго во два наврати во вкупно траење од година и пол. Има проценка на Светска банка дека нашата економија тогаш оди 60 проценти назад во целина и се смалува и тука не може да се заборави пријателската улога на Бугарија и на Турција по Коридорот 8, кој за жал никогаш не го направивме до крај и тоа е наша грешка, не е ваша. И сакам да кажам дека во таква атмосфера не беше лесно да се направи таков договор. Беше тешко. Иако тој договор над 90 проценти е истиот договор од Георгиевски – Костов 1999 година, меѓутоа политички беше тешко да се објасни, бидејќи нашата јавност беше препарирана да чека само лоши вести и само наводни непријателски акти од Софија. Во тоа е големината и на Борисов и на Заев во тој момент.
Заев и Борисов се нестандардни политичари, без историски товар и емоции
– Ако двата коридора се во функција со стопроцентен капацитет тоа во многу ќе придонесе за економскиот развој на земјата. Јас ви гарантирам. Значи, не го спорам безбедносниот аспект. 1992-1994 бевме исечени. И ако немаше пријателски држави кои помогнаа ние буквално ќе умревме во економска смисла и како држава ќе бевме сериозно дестабилизирани. Во економска смисла тоа беше голема штета за нас, вие имате и други коридори со кои одите и комуницирате и со светот и со Европа, ние немаме. Ние сме држава без излез на море. Во изминатите 30 години нешето беше започнато, но не и завршени. Тоа е за срамота за сите нас што сме биле на власт во Скопје во сите овие 30 години.
Долги години се занимавам со безбедносни прашања и можам да ви кажам, дека НАТО не е прима зарази страв од нашите соседни, туку заради новите закани. Последните години ние сме изложени на страшна политичка пропаганда со лажни вести, еден нов феномен или т.н. хибридни закани. Ние не можеме да се одбраниме ако немаме помош од сојузниците и на тоа поле. Ние не зборуваме за традиционални војни. Нема никој да не нападне. Имаме околу 140-150 наши државјани на боиштата во Сирија, во Ирак, на Блискиот Исток. Размената на информации со земјите од НАТО, кои не информираат за тоа со какво оружје и искуство ќе се вратат тие борци. Размената на информации со нашите партнери и сојузници во НАТО Алијансата веќе функционира на многу повисоко ниво после поканата од минатата година што ни ја дадоа.
– Не би сакал да зборувам да долго и на широко на таа тема. Не сум вчерашен во политиката во Македонија. Јас не сум првпат на функција. Сум имал среќа и привилегија да соработувам и со Борис Трајковски, а подоцна и со Бранко Црвенковски, значи на највисоко политичко ниво, и можам да ви кажам дека стереотипите се посилни од политичката реалност. И притоа не сакам да излезе дека еве јас сега некому делам лекции. Јас сум последниот кој треба да дели лекции. Ние за првпат со Зоран Заев и со Бојко Борисов добивме политичари, кои се нестандардни и не се оптоварени со историски товар и емоции. Тоа што јас можам на моја страна, во мојата држава да го проценам – станува збор за огромен товар од комунизмот кој за жал, во оваа долга и мачна наша транзиција не се расчистуваше, не се чистеше прво во едукативниот процес. Можете да разговарате и со Љубчо Георгиевски и со другите премиери, меѓутоа тврдам дека нашите историски читанки не само во односот кон Бугарија, но и во односот кон Западот се истите. Пропагандата во бивша Југославија тврдеше дека ние сме најдобриот систем од сите системи. Ние ден денеска имаме луѓе – средна па и постара генерација за жал која ја „учи“ и помладата генерација која мисли дека е лошо да си богат, која мисли дека сите богаташи се криминалци на Запад. Дури и ме запрепастува, долги години бев професор на универзитет, и видов дека дури и најмладите генерации го има тој дух на колективизам, што е специфичен за комунизмот. За жал и во двете држави мислам дека се многу моќни тие комунистички матрици, таа комунистичка историографија која беше до 1990 година, моќни се се уште и кај вас, моќни се и кај нас…
Во Скопје имате десетици српски медиуми и нула бугарски
Во Скопје никаде не можете да купите ниту еден бугарски весник. Нема ниту еден бугарски тв канал, вклучително и сателистки. Пред пет години пишував дека во Софија се организираат саеми на книга, кои се петпати поголеми од тие во Солун и Беглград. Малку луѓе знаат, дури и најмладите, дека во близина на Софија има филмски студија, во кои се снимаат филмови и копродукции со најголемите холивудски актери. Бројот на филмови, кои се снимаат таму е поголем отколку целата филмска продукција во Централна и Југоисточна Европа. Е сега, зошто нашите луѓе тоа не го знаат? Зошто ние политичарите не овозможиме тоа да биде достапно до македонскиот граѓанин, па кој сака нека чита, кој сака нека гледа филм, кој сака нека отиде во Софија.
Зошто пругата не е направена, зошто автопатот не е направен. Три и пол саата ние одиме 220 километри од Софија до Скопје, идентичната бројка, не знам дали ја знаете, имаме од Скопје до Солун. Меѓутоа, тоа се минува за саат и пол, а за вас треба три и пол саата, за таа делница. Значи, тука е грешката на политичарите. Мене ми е жал, меѓутоа ден денеска македонската младина ги знае сите фудбалери и сите турбо-фолк ѕвезди од Србија, не знае ниеден спортист, ниеден глумец од соседна Бугарија.Тие не знаат ниту еден грчки артист или спортисти, исто така. И да не зборувам за Косово и Албанија. Тоа е грешка на политичарите. Не може да кажеме дека не е време. За да дојде времето ти треба како политичар да правиш амбиент. Ние не сме правеле амбиент досега, со два-три исклучока. И Љубчо Георгиевски исто размислуваше нестандардно, но не направи нестандардни политички потези. Политичарите мора да прават амбиент, да креираат ситуација во која ќе биде нормално да кажеш, па стварно зошто не сме отишле во Софија никогаш, зошто?
За овие 30 години ние не направивме инфраструктура кон Бугарија, немаме автопат и до Приштина. Така не ја направиме ниту човечката инфраструктура, ниту историската нова инфраструктура. Зашто? Затоа што имавме профили на политичари во сите тие промени и транзиции на власта какви што ги опишувавме до пред малку. Знаете, да направевме ние модерен автопат кон Софија ние многу подлабоко ќе навлезевме во расчистувањето на историските магли…
Имаше скромни обиди за рехабилитација на луѓе за кои комунистичката пропаганда тврдеше дека биле странски шпиони, а биле најголеми борци за македонската кауза. За првпат во 2000 година имаше обид за отворање на архивите на комунистичката тајна полиција. Започна тој процес на лустрација со многу лимити, со многу ограничувања, дури и со временски ограничувања од само година дена и после готово, сите тие досиеја додуша после тоа беа префрлени во Архивот на Македонија, меѓутоа, знаете, беа прешкртани имињата на доушниците, а беа на соработниците на полицијата и на кодошите народски кажано и беа прешкртани полициските службеници кои го формирале тоа досие. во времето на Груевски се претвори во борба против политичките опоненти.
Постои хоризнот за автокефалност на МПЦ
– Во една секуларна држава во која живееме јас навистина не можам да бидам најкомпетентен соговорник на теми за црквата. За таа работа сум информиран од прва рака прилично одамна и тоа благодарение да го спомнам покојниот претседател Борис Трајковски. Во 2002 година бевме кај вселенскиот патријарх Вартоломеј. Тоа беше една многу интересна средба затоа што од околу еден час траење на средбата од 45 минути се разговараше за статусот на МПЦ. Во што беше необичноста. Трајковски му вели на вселенскиот патријарх, јас сум протестант, но сакам да помогнам на мојата црква и тој навистина се бореше лавовски за позициите на МПЦ. Мене ми се чини дека на тој план има еден успешен пробив, еден делумен исчекор кон позитивно заради нашиот Преспански договор со Грција, да ви кажам отворено. Во тој момент се отворија некои нови хоризонти не само во однос на евентуалната поддршка од БПЦ, туку воопшто нашата позиција во православниот свет бидејќи сите знаеме дека проблемот беше во формалното противење на СПЦ, меѓутоа зад СПЦ сите овие години и децении стоеше ГПЦ и проблемот со името.
Претстои средба со Радев
– Имам покана од мојот бугарски колега Румен Радев да дојдам во посета во Софија. Со него имаме начелно разбирање и тој има разбирање за мојата позиција. Заедничката историска комисија во меѓувреме не работи со посакуваното темпо од двете страни. Решивме да почекаме да видиме евентуално позитивни трендови во рамки на таа Комисија и после да имаме и со што да се пофалиме малку. По Софија сакам да го поканам Радев во Скопје. Треба да ви кажам дека и во двете држави работиме интензивно за создавање амбиент за послободно, покомотно и поцелосно почитување на историските факти. Но, ние не можеме да работиме за историчарите.