Претседателот Стево Пендаровски денеска истакна дека тој преку својот претставник учествува во работната група за уставните измени и оти со тоа јасно го кажува неговиот политички став, дека е за промена на Уставот со внесувањето на Бугарите во него.

-Јас учествувам преку мој претставник и со тоа јасно го кажувам мојот политички став, дека сум за тие уставни измени, сметам дека тие не се нешто страшно за нас и сметам дека државата нема да пропадне ако ги внесеме Бугарите, заедно со другите шест, седум народи, рече шефот на државата, одговарајќи на новинарско прашање во врска со првиот состанок на работната група, на заедничката прес-конференција во Скопје со претседателката на Косово Вјоса Османи Кадриу.

Пендаровски во врска со денешниот почеток на работната група, рече дека неговиот преставник ќе учествува на работната сесија на групата формирана од Министерството за правда, на која како што истакна треба да се утврди динамиката на работа, колку состаноци се потребни, да се утврди редот во работата.

-Јас се надевам со оглед на тоа што е обврска, која ја знае генералната јавност и сите ние ја знаеме дека тука објективно нема многу работа. Не знам колку седници ќе им требаат, но факт е дека е добро што почнува таа постапка и добро е што ќе се одвива пред очите на јавноста, тука нема скриени агенди, некој да не се плаши дека ќе се направи нешто надвор од она што е веќе воведено во Преамбулата и во нормативниот дел на Уставот за сите останати етнички заедници. Разлика нема да има за Бугарите се разбира, нагласи претседателот на државата.