Кина во август тестирала нова хиперсонична ракета, јави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на неколку извори.

Ракетата со нуклеарен капацитет кружела над Земјата во ниска орбита пред да забрза кон својата цел, демонстрирајќи напредни вселенски способности што ги изненадија САД, велат изворите.

Три извори запознаени со разузнавачки извештаи за Фајненшл Тајмс изјавиле дека ракетата ја промашила целта за повеќе од 32 километри.

Меѓутоа, два други извори рекле дека тестот покажал оти Кина постигнала неверојатен напредок со хиперсонично оружје и дека е многу понапредна отколку што мислеле САД.

Според изворите на весникот, хиперсоничната ракета била лансирана од ракетата Лонг Марш, која Кина претходно ја најавуваше, додека тестот во август бил тајна.

Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, рече дека нема да ги коментира извештаите. Сепак, тој додаде дека продолжува загриженоста за воените способности на Кина, што само ги зголемува тензиите во регионот и пошироко.

– Тоа е една од причините што ја гледаме Кина како наш прв предизвик, нагласи Кирби.