На 12.000 вработени, осигуреници на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се во двостолбниот пензиски систем повеќе години не им биле префрлани средствата во вториот столб, со што секој од нив поединечно изгубил околу 400.000 денари, тврди министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Пакетот докумети, како што рече таа, од анализата со која се утврдила состојбата ќе бидат достави до основното јавно обвинителство, а Владата, пак, во Буџетот за годинава обезбедила 19 милиони евра за да ги обесштети овие граѓани.
– По направената анализа на пензискиот систем заедно со меѓународните финансиски институции се утврди скандалозна неправда што се однесува на 12 илјади осигуреници или идни пензионери. Ним воопшто придонесите не им биле префрлани кон вториот столб иако работодавачот го уплаќал придонесот. Финансиските средства останувале во пензискиот систем во првиот столб. Секој од овие граѓани со просечна плата меѓу 2007 и 2018 година изгубил околу 400 илјади денари, рече министерката Царовска.
Таа појасни дека по утврдената состојба со пакетот законски измени кои ги понудило МТСП за стабилизација на пензискиот систем, се создала можност на овие граѓани да им се вратат средствата или да се обештетат.
– Обезбедивме 19 милиони евра во 2019 година со цел, не само да се вратат придонесите кои не им биле префрлани во вториот столб, туку и приносот што требало да ја остварат во изминатиот период, рече министерката.
Овие осигуреници во наредниот период ќе добијат писма од пензиските друштва и од МАПАС дека се распоредени и имаат индивидуална сметка, со што се овозможува да имаат целосна пензија кога ќе се пензионираат.
Министерката рече дека станува збор за релативно млада група работници или осигуренци, во најголем дел на околу 40-годишна возраст, со први вработувања. Меѓу осигурениците има вработени и во јавниот и во приватниот сектор. Најголемите задршки, според Царовска, биле правени меѓу 2009 и 2010 година.
Таа не сакаше да коментира на што се должи и кој е одговорен за ваквото непрефрлање на средствата на осигурениците. Ќе ги доставиме сите документи до ОЈО, рече, кое треба да истражи зошто во тој даден период средствата не биле распоредувани и каде завршувале.
– Пензискиот систем вклучува многу институции, Агенцијата за вработување на РМ, МАПАС, Фондот за ПИОМ и други кои требало да утврдат дека тоа се случува и да преземат нешто. Пензискиот систем е сложен и голем систем, затоа сакам ОЈО да го истражи ова, да навлезат во системот, зошто и кога почнало и каде е одговорноста, ако утврдат, рече Царовска одговарајќи на новинарско прашање дали вината може да се лоцира во Фондот за ПИОМ со оглед дека тоа е институцијата која ги добива средства од придонесите и потоа ги распределува.
Министерката за труд рече дека и претходните структури на власта биле запознаени дека ова се случувало но оти никој не се осудил да го реши проблемот.