Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека внимателно ги разгледува сите можности од правен аспект како и на кој начин државата може да помогне и да интервенира лозарите во најкус рок да си ги добијат парите за предаденото грозје во винарницата  „Поварадие“ и „Гарланд Агрофуд“- (Стефанс винарија), кои што имаат долг кон лозарите за предадено грозје во 2015 и 2016 година.

-МЗШВ, е во постојна комуникација со раководството на „Поварадие“ и стечајниот управник на „Гарланд Агрофуд“- (Стефанс винарија), со цел да се најде начин за исплата на лозарите. Воедно, веќе се иницирани и соодветни законски измени за лозарите да бидат заштитени, порачуваат од Министерството.

На состанокот што минатата недела се одржа во МЗШВ заедно со претставници од „Повардарие“, стечајниот управник на „Стефанс винарија“, лозарите, градоначалниците и пратениците од Тиквешкиот регион, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, порача дека лозарите мора да ги добијат парите за предаденото грозје во овие винарници во најкус можен  рок.

Во сабота на 2 февруари во Кавадарци, министерот Николовски ќе има средба со лозарите од тиквешкиот регион, за да се разгледаат и останатите предлози на лозарите за поддршка и развој на оваа земјоделска гранка.